
Центарот за јавно здравје – Штип постапува по пријава за можно труење со храна на шест вработени во фабрика лоцирана во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) – Штип.
Од Центарот информираат дека пријавата била примена вчера, по што Одделението за епидемиологија веднаш излегло на терен и постапило согласно националниот протокол за алиментарни инфекции и интоксикации.
Епидемиолозите извршиле увид во објектот кој обезбедува храна за вработените, а бил спроведен и разговор со одговорните лица и персоналот за начинот на прием, подготовка, складирање и чување на храната.
Како дел од мерките, биле дадени препораки за подобрување на хигиенските практики, наредено било генерално механичко чистење, спроведена вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на објектот, како и вонредни санитарни прегледи на вработените.
Воедно, земени се мостри од храната за микробиолошка анализа, како и брисеви од работните површини во кујната, со цел да се утврди дали храната е причина за пријавените здравствени проблеми.
Од Центарот за јавно здравје – Штип најавуваат дека состојбата ќе биде внимателно следена и во наредните денови. Доколку се појават нови случаи или анализите потврдат контаминација, ќе бидат преземени дополнителни мерки согласно законските прописи.


