Утрински Весник
Македонија

Интерпол ја пофали Македонија: Современата полициска обука е клучна во борбата против криминалот

Whatsapp image 2026 07 09 at 1.15.06 pm 11.jpeg

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, кој престојува во официјална посета на Македонија, денеска ја посетија Полициската академија при Министерството за внатрешни работи во Идризово.

Во рамки на посетата, генералниот секретар Уркиза и помошникот министер во Полициската академија Влатко Митковски се обратија пред кадетите, раководството на Министерството и претставниците на Академијата, при што беше истакната важноста на современото полициско образование, континуираното стручно усовршување и силната меѓународна полициска соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици.


Во своето обраќање, генералниот секретар на Интерпол Валдеси Уркиза нагласи дека полициските академии претставуваат темел на секоја современа полициска служба, бидејќи токму таму се создаваат идните генерации професионални полициски службеници.

„Институции како оваа Полициска академија се столбот на полициското работење ширум светот. Криминалот станува сè покомплексен, а начините на кои полицијата учи и се обучува мора постојано да се развиваат за да можат успешно да одговорат на новите закани”, истакна Уркиза.

Тој посочи дека денешните безбедносни закани имаат изразена меѓународна димензија и дека токму затоа меѓународната полициска соработка има суштинско значење.

„Од она што го видов за време на мојата посета – од соработката на границата со Албанија, до заедничките патроли со српската полиција – јасно е дека Северна Македонија сериозно ја сфаќа меѓународната полициска соработка. Токму тоа го прави Интерпол сè поважен партнер во современата борба против организираниот криминал”, нагласи генералниот секретар на Интерпол.

Уркиза потсети дека од ноември 2025 година Полициската академија е дел од Глобалната академска мрежа на Интерпол, во која членуваат само 28 полициски образовни институции во светот, што претставува значајно признание за професионалните капацитети на Министерството за внатрешни работи.

Помошникот министер во Полициската академија Влатко Митковски нагласи дека Академијата останува посветена на развојот на современ образовен систем кој ги следи највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики во полициската професија.

„Полициската академија има јасна определба да ја унапредува меѓународната соработка со Интерпол и неговата Академија преку размена на знаења, заеднички обуки, експертска соработка и развој на современи наставни програми. Само преку континуирана едукација, примена на најдобрите меѓународни практики и партнерство со водечките светски полициски организации можеме да создадеме генерации професионални полициски службеници подготвени да одговорат на сè покомплексните безбедносни предизвици”, истакна Митковски.

Во рамки на посетата беа презентирани капацитетите на Полициската академија, програмите за образование и стручно усовршување, како и активностите што Министерството за внатрешни работи ги реализира во насока на модернизација на полициската обука и нејзино усогласување со европските и меѓународните стандарди.

Посетата на генералниот секретар на Интерпол претставува уште една потврда за успешната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Интерпол и за заедничката заложба за јакнење на професионалните капацитети, меѓународната полициска соработка и ефикасната борба против организираниот и прекуграничниот криминал.

Можете да прочитате

Серискиот убиец од Куманово, убивал за да ги задоволи половите страсти врз мртвите тела

Бегале од полиција, сопатник проголтал дрога и починал

Ердоган им подари револвери на лидерите на НАТО – Силјановска нема да го користи подарокот