
Последните статистички податоци уште еднаш потврдуваат дека Македонија не смее повеќе да ја одложува дебатата за развојот на рударството и искористувањето на сопствените минерални ресурси. Додека рударството бележи пад, а бројот на рудари постојано се намалува, нови инвестиции кои би можеле да го обноват секторот и да отворат нови работни места, како проектот „Иловица – Штука“, со години остануваат заглавени во административни и правни постапки.
Според најновите податоци, индустриското производство во секторот „Рударство и вадење камен“ во мај 2026 година е намалено за 3,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Во исто време, дел од постојните рудници се приближуваат до исцрпување на своите резерви, а тоа отвора реална опасност стотици рудари да останат без работа доколку не се обезбедат нови капацитети и нови инвестиции.
Ова не е само проблем на една индустрија. Ова е прашање за економската иднина на државата.
Македонија има обврска да создава нови работни места, да отвора нови производствени капацитети и да ги користи сопствените природни ресурси на одговорен и законски начин. Во спротивно, ќе продолжиме да го гледаме истиот тренд – помалку работни места, помалку инвестиции, послаб економски раст и сè поголемо иселување на младите луѓе.
Особено загрижува што во јавноста сè почесто најгласни се оние кои без соодветна стручност се претставуваат како експерти за сè – од рударство и геологија, преку економија, па сè до право и меѓународни судски постапки. Во едно демократско општество секој има право на мислење, но одлуките што ја одредуваат иднината на државата не смеат да се темелат на претпоставки, стравови или лични убедувања.
Очекуваме институциите да ги слушаат оние чија професија е да анализираат и да носат стручни заклучоци – инженерите, геолозите, хидролозите, експертите за животна средина, економистите, научната заедница и релевантните институции, вклучително и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Само врз основа на наука, факти и закон може да се донесуваат одлуки кои се во интерес на граѓаните.
Проектите како „Иловица – Штука“ треба да бидат оценувани единствено според тоа дали ги исполнуваат сите законски, технички и еколошки критериуми. Доколку ги исполнуваат, тие можат да донесат стотици нови работни места, значително поголем извоз, повисоки приходи за државата и општините и посилен економски развој на целиот југоисточен регион.
Македонија денес се соочува со далеку поголем предизвик од отворањето на еден рудник. Се соочува со драматично намалување на населението и масовно иселување на младите. Ако не создадеме нови можности за работа, развој и достоинствен живот, најцрното сценарио е да останеме без луѓе кои ќе ја градат оваа држава.
Затоа сметаме дека е време дебатата да се врати таму каде што припаѓа – кај науката, фактите и институциите. Македонија не смее да си дозволи развојните можности да бидат заложници на дезинформации, политички притисоци или неосновани стравови. Нашата држава има право и обврска да го искористи својот потенцијал за да обезбеди повисок животен стандард, економски раст и подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

