Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова го прими министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис

Foto 5 2 1.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, Кестутис Будрис, кој е во официјална посета на државата.

Соговорниците го поздравија отворањето на дипломатското претставништво на Литванија во Скопје, како и одлуката на македонската Влада за отворање амбасада во Вилнус, очекувајќи засилен политички дијалог, поголема економска и културна соработка, како и подобри севкупни односи меѓу двете држави.


Претседателката воочува значителен неискористен потенцијал за развој во областите на информатичките технологии, сајбер-безбедноста, образованието и иновациите.

Во пресрет на Самитот на НАТО во Анкара, Сиљановска-Давкова ја потврди определбата на државата, како кредибилен сојузник во Алијансата, да продолжи да придонесува кон колективната безбедност и стабилност.

Таа се заблагодари за литванската принципиелна и континуирана поддршка на македонските евроинтеграции, особено како дел од групата „Пријатели на проширувањето”.

Исто така, претседателката очекува Литванија, како претседавач со Советот на ЕУ од идната година, да се заложи за кредибилен и предвидлив пристапен процес, заснован врз Копенхашките критериуми.

За Сиљановска-Давкова, билатералните условувања од идентитетска природа се опасен преседан којашто може да биде погубен за политиката на проширување на Европската Унија.

За министерот Будрис, актуелниот геополитички момент наметнува потреба од забрзано проширување.

Тој ги поздрави нашите досегашни реформски достигнувања, акцентирајќи ја важноста од нивно продолжување.

За него, проширувањето на ЕУ ќе биде врвен приоритет за време на литванското претседавање со Советот на ЕУ во 2027 година.

Соговорниците се согласија дека интеграцијата на Западен Балкан е геополитичко и безбедносно прашање од особен европски интерес.

Можете да прочитате

СДСМ: Милошоски и криминалната група ВМРО, панично бараат алиби за сопственото неисполнување на обврските кон ЕУ!

„Сакам да работам“: Силјановска – Давкова да не го потпише указот за Законот за игри на среќа

Собранието усвои повеќе закони по скратена постапка, поминаа и измените за органодарителството