
Соопштение за јавност на Левица:
Најавениот ребаланс на Буџетот кој стигна во собраниска процедура уште еднаш ја потврдува погрешната економска политика на Владата која наместо да понуди јасна стратегија за развој на домашното производство, повисок животен стандард и намалување на социјалните нееднаквости повторно се одлучува за зголемување на буџетскиот дефицит без образложение за долгорочните ефекти врз економијата. Владата бара од граѓаните да веруваат дека новото задолжување ќе донесе развој но не нуди конкретни анализи, мерливи цели и гаранции дека дополнителните средства навистина ќе создадат нова вредност и подобар живот за мнозинството граѓани.
Зголемувањето на буџетскиот дефицит отвора сериозни економски и политички прашања на кои Владата засега не дава доволно јасни одговори посебно ако се земе предвид и изјавата на премиерот пред само неколку дена за намалување на буџетскиот дефицит.
Министерката за финансии тврди дека дефицитот ќе се зголеми поради потребата од финансирање на капитални инвестиции но јавноста се уште не знае колкав ќе биде реалниот ефект од тие инвестиции врз економскиот раст, продуктивноста и животниот стандард на граѓаните. Граѓаните имаат право да знаат колку од овие средства ќе завршат кај домашните компании, колку нови работни места ќе бидат создадени и дали инвестициите ќе придонесат за развој на домашното производство, земјоделството и малите и средните претпријатија.
Особено загрижува фактот што Владата истовремено признава дека има пад на приходите, а сепак се одлучува за зголемување на буџетскиот дефицит. Наместо да отвори дебата за поправедна даночна политика и поголемо учество на најпрофитабилните компании и најбогатите слоеви во финансирањето на јавните потреби, државата останува зависна од индиректни даноци кои најсилно ги погодуваат работниците, пензионерите и средната класа.
Загрижува фактот што речиси и да нема мерки насочени кон подобрување на животниот стандард, намалување на сиромаштијата и намалување на економската нееднаквост. Буџетот не е само финансиски документ туку најважен инструмент преку кој државата ги определува своите економски и социјални приоритети. Затоа е легитимно прашањето кому навистина ќе му служи ваквиот начин на трошење јавни средства и дали неговите придобивки ќе ги почувствуваат граѓаните или само одредени економски центри на моќ
Левица предупредува дека без јасен план за економски поврат, без структурни мерки за развој на домашната економија и без социјална компонента која ќе обезбеди поправедна распределба на создаденото богатство, постои опасност ребалансот да се претвори во уште едно краткорочно фискално решение чии трошоци на крајот ќе ги плаќаат граѓаните.


