
Коалицијата ВЛЕН по владината реконструкција ќе раководи со шест министерства, соопшти денеска првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на ВЛЕН, Беким Сали.
Тој изјави дека кадри на ВЛЕН ќе ги предводат ресорите за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и Министерството за односи меѓу заедниците.
„Сè уште нема финално име за Правда и Култура, тоа ќе бидат две нови имиња. Од актуелните министри задоволни сме како партија и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот“, изјави Сали, одговарајќи на новинарски прашања пред настанот со кој ВЛЕН одбележува две години учество во владината коалиција.
Со реконструкцијата, ВЛЕН го презема Министерството за односи меѓу заедниците, кое во моментов го предводи Иван Стоилковиќ, како и ресорите Правда и Култура. Од друга страна, коалицијата ги губи Министерството за здравство и позицијата вицепремиер за добро управување, кои досега ги водеа Азир Алиу и Арбен Фетаи, а според најавите, можно е да остане и без ресорот Социјална политика.
Сали посочи дека додека траат преговорите остануваат отворени повеќе теми, но нагласи дека министерствата за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците сигурно ќе бидат доверени на ВЛЕН.
Во меѓувреме, лидерот на Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека по реконструкцијата неговата партија ќе биде кадровски и политички посилна и ќе добие поголем простор за директна имплементација на власта, како во ресорните министерства, така и во пониските ешалони на извршната власт.


