Утрински Весник
Свет

Болтон ќе плати 2,25 милиони долари казна и ќе одработи 100 часа општествено корисна работа поради задржување доверливи информации

20221104125923 big 730x400 10.webp.webp

Поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, денеска ја призна вината за незаконско задржување доверливи информации и се согласи да плати казна од 2,25 милиони долари, како и да одработи 100 часа општествено корисна работа, пренесува телевизиската мрежа Си-Би-Ес.

Болтон, кој беше советник на Трамп за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, ја призна вината по една точка од обвинението. Тој минатата година беше обвинет по вкупно 18 точки поврзани со несоодветно ракување со чувствителни владини информации. Според обвинителството, Болтон во период од седум години споделувал податоци во форма на записи „налик на дневник“ со двајца свои роднини, со цел подоцна да ги искористи за книгата што ја пишувал. Иако во октомври минатата година тој се изјасни за невин, денеска на суд беше одобрена нагодбата со обвинителството.


Според условите од договорот за признавање на вината што беше прочитан денеска во судницата, правниот тим на Болтон и Министерството за правда се согласија за затворска казна во траење од најмногу 60 месеци во федерален притвор, како и за парична казна. Страните во постапката соопштија дека е постигнат договор Болтон да биде сослушан од официјални лица за национална безбедност во врска со информациите што незаконски ги задржал. Исто така, тој ќе треба да одработи 100 часа општествено корисна работа за да и помогне на владата во напорите за спречување на незаконското откривање доверливи информации. Изрекувањето на пресудата е закажано за 28 октомври.

Сојузната голема порота покрена обвинение против Болтон во средината на октомври минатата година, при што се соочуваше со осум точки за оддавање информации од националната одбрана и 10 точки за нивно незаконско задржување. Обвинителите тврдеа дека во периодот од април 2018 до август 2025 година, тој споделил повеќе од 1.000 страници за неговите секојдневни активности додека работел во Белата куќа со двајца неидентификувани роднини, а дел од тие страници содржеле строго доверливи информации.

Во обвинението исто така се наведуваше дека Болтон ги чувал документите, списите и белешките поврзани со националната одбрана во својот дом во округот Монтгомери во сојузната држава Мериленд. Министерството за правда во судските документи образложи дека неговите страници „налик на дневник“ всушност биле отчукани транскрипти од рачно пишувани белешки, кои потоа им биле испраќани на неговите роднини преку комерцијална, невладина апликација за размена на пораки. Обвинителите додадоа дека Болтон за испраќање на овие електронски пораки до членовите на семејството користел и лични мејлови на сервисите „АОЛ“ и „Гугл“.

Можете да прочитате

Најмалку 55 лица се удавија во Франција обидувајќи се да се разладат од екстремните горештини

Прогласена вонредна состојба на Крим, илјадници возила заглавени на Кримскиот мост

Мал авион се урна во највисоката зграда во Пекинг