
Околу 20 осудени лица, кои според наодите не боледуваат од психичко заболување, туку се здрави и пресметливи, биле затекнати во Форензичкото одделение на Психијатриската болница „Демир Хисар“ при контрола спроведена во декември 2025 година од Тимот на Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител.
Заменичката народен правобранител Соња Трифуновска денеска информираше дека постојат сериозни сомнежи оти дел од овие лица, преку спорни судско-психијатриски вештачења и наоди за непресметливост, успеале да избегнат издржување затворски казни и наместо тоа биле упатени на психијатриско лекување.
Според неа, НПМ веќе побарал информации од Комората на вештаци за тоа дали при изработката на судско-психијатриските вештачења биле почитувани професионалните и етичките стандарди.
Трифуновска ја оцени состојбата во болницата како исклучително загрижувачка. Таа посочи дека медицинскиот персонал, наместо да биде целосно посветен на лекување на вистинските пациенти, бил принуден да се справува со лица со изразен криминален профил. Според наодите, дел од тие лица малтретирале, заплашувале и злоупотребувале други пациенти.
Во извештајот се наведува дека во болницата биле регистрирани и повеќе бегства. Дополнителен проблем е тоа што установата нема затворска полиција, бидејќи формално станува збор за здравствена институција во која треба да бидат сместени пациенти, а не лица кои треба да издржуваат затворски казни.
Медицинските техничари, психијатрите и останатиот персонал, кои се обучени за терапевтска работа, а не за обезбедување лица со криминално минато, биле изложени на сериозен професионален и личен ризик, вклучително и закани по нивната безбедност.
Од НПМ посочуваат дека посетата на Форензичкото одделение била иницирана по добиени информации за сомнителни случаи во кои лица, наместо да издржуваат правосилни затворски казни, биле испраќани на психијатриско лекување врз основа на спорни проценки за нивната психичка состојба.
Трифуновска предупреди дека ваквата практика го нарушува принципот на еднаквост пред законот и ја доведува во прашање правичноста на судските постапки. Според неа, постои сомнеж дека казните не се определувале врз основа на објективни факти, туку под влијание на експертски проценки чија веродостојност е спорна.
Најголеми последици, како што беше истакнато, трпат вистинските психијатриски пациенти. Здравствениот персонал и ресурсите се пренасочуваат кон лица кои не се реални пациенти, што доведува до подолго чекање, намалено внимание и полоши услови за лекување.
Болницата се соочува и со сериозни кадровски и организациски проблеми. Во периодот од 2024 година до посетата на НПМ биле сменети четворица директори, а дел од вработените покажале знаци на прегореност, фрустрација и разочараност.


