Утрински Весник
Скопје

Започнува платформата „Чаир во ритамот на здравјето” со мерки за заштита од летните горештини

Img 1074.jpeg

Здравјето и интересот на граѓаните е највисок приоритет. Во насока на превенција во пресрет на најавените високи летни температури, Општина Чаир презема мерки за заштита и превенција на здравјето на граѓаните. Стручни тимови на општината направија проверка и санација на сите јавни чешми на територија на Чаир, а дополнително ќе бидат поставени и пунктови со вода, кои ќе бидат поставени на најфреквентните локации.

Дополнително, на јавни површини ќе бидат поставени медицински пунктови и волонтери кои ќе даваат совети за превенција, а ќе бидат обезбедени и основни лекарски прегледи. Во акцијата со совети и едукација ќе се приклучат и здравствените домови од Чаир, Центарот за јавно здравје и други институции.


Здравствената превенција во текот на летните горештини е прва активност од новата платформа на Општина Чаир „Чаир во ритамот на здравјето”. Се работи за долгорочна иницијатива чија цел е унапредување на здравјето, подигнување на свеста за значењето на здравствената превенција и градење на здрави животни навики кај чаирчани.

„Во услови на брз и динамичен живот, превенцијата на здравјето на граѓаните и градењето на здрави животни навики е приоритет. Чаир е општина која не се грижи само за инфраструктурата, туку и за луѓето, бидејќи тие се најважни. Ние не реагираме само кога ќе се појави проблем, туку навреме започнуваме со активности кои ќе одговорат на најголемите предизвици на современиот живот – навремена здравствена превенција. Ги повикувам граѓаните активно да се приклучат во активностите, бидејќи здравјето е наш најголем дар. Воедно, сите активности ќе бидат бесплатни и достапни за граѓаните”, истакна Меџити.

Платформата „Чаир во ритамот на здравјето” ќе опфати различни активности поврзани со јавното здравје, превенција, активен живот и физичка активност, здрав начин на исхрана и грижа за најранливите категории граѓани. Ќе има и едукација и информирање во насока на подигнување на јавната свест на граѓаните.

Активностите ќе бидат реализирани со стручни лица од различни области, како: медицина, нутриционизам, спортски активности и едукација. Интерес за приклучување кон платформата веќе изразија поединци кои се занимаваат со области поврзани со здравјето на луѓето.

Преку платформата „Чаир во ритамот на здравјето”, Општина Чаир ја потврдува својата заложба да биде општина која не само што инвестира во инфраструктура, туку истовремено се грижи за здравјето на граѓаните и за подобрување на квалитетот на животот.

Можете да прочитате

Меѓународен спектакл со над 90 уникатни мотоцикли, рокенрол и уметност во Центар

Арсовска бара одговор од Обвинителството: До каде е истрагата за дивоградбите во Чаир?

ЛДП Скопје: Молк од Зоолошката градина и од Град Скопје за бегството на волци во саботата и усмртувањето на неколку кенгури и ему птици