
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со заменик-потсекретарот за внатрешни работи на Соединетите Американски Држави, Џон Гоунтанис.
Во фокусот на разговорот беа тековните активности поврзани со имплементацијата на билатералните приоритети и цели договорени на Втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу владите на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, одржана во април годинава.
Соговорниците ја потврдија заедничката посветеност за натамошно унапредување на соработката во областите од заемен интерес, во насока на понатамошно продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Посебно внимание беше посветено на енергетската и инфраструктурната отпорност, економската и трговската соработка, сајбер-безбедноста, миграциските прашања, како и на заедничките активности за сузбивање на организираниот криминал и нелегалната трговија со дрога и други наркотични средства.
Во таа насока беше нагласена важноста од континуирана координација и интензивирање на заедничките активности за спроведување на договорените иницијативи, во согласност со заедничките стратешки интереси на двете земји.

