
Во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците попладнево се одржува амандманската расправа по Предлог на законот за судска служба, во второ читање. Седум амандмани беа прифатени од вкупно 105 поднесени за Предлог на законот. Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов даде пауза и најави дека ќе бидат поднесени и комисиски амандмани.
Амандманите кои беа поднесени од опозициските СДСМ и коалицијата, Европски фронт и Левица, се однесуваа на унапредување на материјалната и професионалната положба на судските служби преку воведување на додатоци на плата за висок ризик и доверливост, прекувремена работа, задржување на стручниот кадар, како и право на надоместоци и јубилејни награди. Се однесуваа и за бришење на зборови во членови со кои се врши измена на надлежност за донесување на правилникот за спроведување на постапката за унапредување. Наместо министерот за правда, се утврдува надлежноста да ја има Советот на судската служба, со што се обезбедува институционална автономија во унапредувањето на постапките за унапредување во судската служба.
Исто така, беа и за бришење на обврската судот да доставува податоци за вработените до Министерството за јавна администрација и Судскиот буџетски совет во врска со Регистарот на вработени во јавниот…за воведување на поволно пензиско уредување за судските службеници од категорија Г со зголемен стаж, можност за порано пензионирање со услови и 80 отсто основица, како и обврска трошоците до старосна пензија да ги покрива судот.
Амандманите беа и за вршење на терминолошко усогласување на одредбата со цел попрецизно да се изрази суштината на процесот на оценување и следење на работата на судските службеници. Терминот „ефект“ ги опфаќа вкупните резултати, квалитетот, ефикасноста и придонесот во извршувањето на работните задачи, додека терминот „учинок“ претежно се однесува на квантитативниот аспект на работата. Воведување на финансиски надоместок за менторите во износ од 20 отсто од бруто платата за секој месец во кој траело менторството на приправници судски полицајци.
Министерот за правда, Игор Филков за дел од поднесените амандмани истакна дека се неприфатливи поради тоа што неколку членови се усогласени со мислењето на Министерството за финансии, одредбите за додатоци за плата се усогласени со мислењата на Министерството за финансии и Министерството за јавна администрација, бидејќи некои од предложените амандмани ќе предизвикале дополнителни фискални импликации врз буџетот на Републиката, дека предметната материја е веќе соодветно уредена во текстот на предлог-законот и нема потреба од дополнително интервенирање…
Заменик-министерот за правда, Ален Деребан во образложението потенцира дека предлог-законите за судска служба и за јавнообвинителска служба се резултат на повеќегодишна работа, широк и инклузивен консултативен процес, како и усогласување со актуелната законска рамка и реформските приоритети на државата. Посочи дека работната група ги изработила текстовите на законите пред една година, по што биле објавени на ЕНЕР на јавна консултација. Toj кажа дека при тоа биле доставени бројни забелешки и предлози од релевантни институции, стручната јавност и засегнатите страни, кои биле внимателно разгледани и соодветно вградени во нацрт-текстовите.
-Во меѓувреме беше донесен новиот Закон за административни службеници, а беа склучени и колективни договори за вработените во судовите и јавните обвинителства. Поради овие новонастанати околности беше неопходно дополнително усогласување на законските решенија. Како системски закон, Законот за административни службеници веќе го уредува статусот на дел од судските и јавнообвинителските службеници кои непосредно работат на предмети, поради што новите закони се усогласени со оваа правна рамка. Особено значајно е што во двата закона е изрично утврдено дека ниту едно стекнато право на постојните вработени не се губи. Напротив, сите права остануваат целосно заштитени, со што се обезбедува правна сигурност и институционален континуитет – рече Деребан.
Во делот на платите, како што нагласи Деребан, една од клучните цели на реформската агенда била унапредување на материјалниот статус на судските и јавнообвинителските службеници. Оваа цел, како што рече, веќе е реализирана преку колективните договори, а нивните решенија се инкорпорирани и во законските одредби.
-Новите законски решенија воспоставуваат посебен и современ систем за судската и јавнообвинителската служба, прилагоден на нивната специфична улога во правосудниот систем. Се воведуваат јасни, транспарентни и мерит-базирани правила за вработување, унапредување, оценување и мобилност, врз основа на однапред утврдени и објективни критериуми. Истовремено се зајакнува институционалната функционалност преку поефикасно управување со човечките ресурси и намалување на административните пречки. Законите предвидуваат и современи механизми за задржување и мотивација на стручниот кадар, вклучително преку додатоци на плата, наградување за исклучителни резултати и унапредени можности за професионален развој – нагласи Деребан.
Со овие законски решенија се исполнуваат обврските од Реформската агенда и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, се зајакнуваат капацитетите на правосудните институции и се создаваат предуслови за поефикасен, понезависен и поквалитетен правосуден систем во интерес на граѓаните.


