
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека денеска во ЈЗУ Клиничка болница Тетово се донесени одлуки за вработување на 119 лица од 13 различни медицински профили, кои се неопходни за секојдневното функционирање на оваа здравствена установа.
Во објава на Фејсбук, Алиу истакна дека станува збор за значаен институционален чекор кон кадровско зајакнување на една од најважните здравствени установи во Полошкиот регион.
Тој потсети дека од почетокот на годинава во Клиничката болница Тетово веќе биле вработени 38 лица, од кои 28 специјализанти и 10 припадници на техничкиот персонал и болничари. Со денешните одлуки, вкупниот број нови вработувања во болницата достигнува 157.
„Кадровското зајакнување оди паралелно со големиот инвестициски циклус за Клиничката болница Тетово – проект вреден околу 74 милиони евра, со кој оваа здравствена установа ќе добие целосна реконструкција, модернизација, нова функционална организација, подобри услови за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници“, наведува Алиу.
Според министерот, по реализацијата на проектот, Тетово и целиот Полошки регион ќе добијат современа болница која ќе може целосно да одговори на реалните потреби на граѓаните.
Во својата објава, Алиу упати и благодарност до директорот на Клиничката болница Тетово, д-р специјалист Ерзен Елези, за, како што наведе, посветеноста, одговорното менаџирање и соработката во процесот на кадровско и институционално зајакнување на оваа значајна здравствена установа.


