Утрински Весник
Македонија

Левица: Градоначалникот Ќира се прогласи за ненадлежен за криминалот со плажите во Струга

Struga.webp.webp

Соопштение на Левица:

На последната седница на советот на општина #Струга, градоначалникот Ќира скандалозно изјави дека НЕМА механизам да ги отстрани лицата кои со години незаконски стопанисуваат со плажи со истечени концесии, иаки се работи за сериозен криминал со кој е оштетен буџетот на општината!


Кога концесиите се истечени, а одредени правни или физички лица и понатаму го користат крајбрежјето за вршење дејност и остварување ПРОФИТ, тогаш постои основано сомнение за противправно користење и УЗУРПАЦИЈА на државно земјиште и јавен простор, казниво по член 225 од Кривичниот законик. Градоначалникот Ќира практично признава дека општината со години толерира криминал со бесправно користење на плажите и се амнестира од одговорност – наместо како прв човек на градот да иницира постапки пред Основното јавно обвинителство!

Уште поскандалозен е неговиот предлог плажите да се третираат како УРБАНА ОПРЕМА. Според оваа логика на Ќира, утре и езерото може да се прогласи за урбана опрема, само за да се избегне почитување на законите. Плажите не се шанкови, столови, жардиниери или времени монтажни објекти. Тие претставуваат дел од крајбрежјето на Охридското Езеро – природно богатство и јавно добро кое ужива посебна заштита.

Менди Ќира нема законско овластување да легализира долгогодишна узурпација преку административни акробации. Неговата обврска е да ги извести МВР и ОЈО за сериозни индиции за криминал, да побара инспекциски надзор и да иницира постапки за отстранување на бесправно поставените објекти и бесправните корисници на просторот.

Левица бара:
– Општина Струга веднаш да ги објави имињата на правните и физичките лица кои ги користат плажите без важечки договори;
– Општина Струга да поднесе кривични пријави и пријави до надлежните инспекторати за узурпација на јавен простор;
– Јавното обвинителство и МВР да испитаат дали со повеќегодишното толерирање на ваквата состојба е сторена злоупотреба на службената положба и овластување од страна на надлежни службени лица.

Државата не смее да биде нем набљудувач додека поединци со години остваруваат приватен профит од јавно добро без правен основ. Она што за обичниот граѓанин би било бесправно користење на државен имот, не смее да биде дозволено ниту за концесионери, бизнисмени или политички привилегирани структури!

Можете да прочитате

Министерот Хоџа и новиот директор на ГИЗ Делфс, го потврдија партнерството во животната средина

EOGL со предупредување до Собранието: Оданочувате загуби и уништувате легален сектор, државата се соочува со милионски меѓународни арбитражи

Филипче со земјоделците од Иванковци: Катастрофална состојба со откупот на пченица и јачмен