Утрински Весник
Македонија

Поранешниот директор на Онкологија, Нино Васев излегува од притвор по една година

Nino vasev.jpg

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, по една година помината во притвор, ќе се брани од слобода откако судот ја прифатил гаранцијата обезбедена преку хипотека на недвижен имот.

Со донесената одлука, Васев во наредниот период ќе го напушти притворското одделение во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, каде што се наоѓаше во рамки на истрагата и судската постапка за случајот „Онкологија“, објави 4news.mk.


Васев е еден од обвинетите во првиот предмет што се однесува на финансиското работење на Клиниката за онкологија. Заедно со поранешниот економски директор Артан Нухи, тој се товари за продолжени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и проневера во службата.

Според обвинението, спорните дејствија биле извршувани во периодот од 2018 до 2022 година. Обвинителството тврди дека при набавката на биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела, Клиниката набавувала лекови на реверс без соодветен правен основ.

Потоа, како што се наведува во обвинението, преку постапки за јавни набавки биле покривани веќе преземените обврски кон добавувачите, кои фактурирале претходно испорачани лекови.

Според Обвинителството, со ваквиот начин на постапување бил доведен во заблуда Фондот за здравствено осигурување, кој одобрувал условен буџет за Клиниката, а обезбедените средства подоцна биле користени за подмирување на обврските за спорните набавки.

Покрај обвинението за злоупотреба на службената положба и овластување, Васев и Нухи се гонат и за измама во службата и проневера во службата.

Судскиот процес за случајот „Онкологија“ продолжува пред надлежниот суд, додека поранешниот директор во натамошната постапка ќе ја изнесува својата одбрана од слобода.

Можете да прочитате

Мицкоски: Успехот на една стратегија не се мери по бројот на страници што ги содржи, туку по бројот на животи што ќе ги подобри 

Акциска контрола во сообраќајот во Скопје, изречени 168 санкции

АСОМ: За државата монопол, за легалниот бизнис клуч на врата и 10.000 лица без работа