
Франција бележи раст на употребата на кокаин, што сè повеќе го оптоварува националниот здравствен систем, а бројот на интервенции на итните служби поради консумирање на оваа дрога е зголемен за 26 отсто во 2025 година, покажуваат најновите официјални податоци, пренесува денеска БФМ ТВ.
Како што наведува националниот Завод за јавно здравје во својот извештај, минатата година биле регистрирани повеќе од 6.500 обраќања до итните здравствени служби поради последици од кокаин. Истовремено, забележани се 2.096 случаи на хоспитализација поврзани со користењето на оваа дрога. Како што се соопштува, тоа значи дека во просек се бележат по 125 посети на итните служби неделно.
Помеѓу 2012 и 2022 година овој тренд бил во постојан пораст, со исклучок на периодот на стабилизација во 2019 година, а зголемувањето било уште поизразено во 2023 година, покажуваат официјалните податоци.
Кокаинот, кој е втора најраспространета илегална супстанција во светот по канабисот, заедно со МДМА/екстази, претставува дрога чија употреба во Франција значително е зголемена во последните десет години, наведува француската телевизија.
Како што се укажува, кога станува збор за последиците што овој тренд ги има врз службите за итна помош, постојат и изразени регионални разлики, при што процентот на такви интервенции е навистина висок во Бретања, Прованса, регионот на Азурниот Брег и Француска Гвајана.
Од вкупно 39.383 интервенции на итните служби поврзани со кокаин во периодот меѓу 2012 и 2025 година, 73 отсто се забележани кај мажи, а нивната просечна возраст била 32 години. Во 2025 година, повторниот пораст ги погодил сите возрасни групи кај двата пола, освен лицата постари од 60 години.
Покрај зависноста, употребата на кокаин може да има акутни медицински последици, пред сè кардиоваскуларни и психијатриски, потсети францускиот Завод за јавно здравје.



