
Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на која беше потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција.
Како што соопшти Мицкоски, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна доверба, почит и долгогодишно пријателство меѓу двата народа.
Во разговорите биле разгледани можностите за понатамошно продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и привлекување нови турски инвестиции, како и унапредување на партнерството во инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната.
Мицкоски ја истакнал важноста на Турција како еден од најзначајните економски и политички партнери на земјата, нагласувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима што ќе овозможи нови инвестиции и отворање работни места.
Од своја страна, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, изразувајќи подготвеност за натамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
На средбата било разговарано и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што двајцата соговорници ја нагласиле потребата од зачувување на стабилноста, интензивирање на соработката и поттикнување на економскиот развој во регионот.
Соговорниците изразиле уверување дека односите меѓу Македонија и Турција ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.



