
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во попладневната програма на МРТВ ги покани граѓаните на второто издание на „Центарска симфонија”, музички спектакл под отворено небо, кој ќе се одржи утре со почеток во 19:30 часот на „Плочник” во Градски Ѕид.
„Јас, како градоначалник, во изминативе години многу инвестирам во културата и во културните настани што се одржуваат низ годините. Буџетот за култура е зголемен на 25 милиони денари, што значи реализација на голем број концерти, изложби и различни културни содржини.
Имаме многу активности, почнувајќи од „Патувачкото кино”, наменето за младите, со проекции на различни локации , па се до содржини за повозрасните, како што е „Носталгија за корзо”, настан посветен на спомените и сеќавањата за старите скопски времиња и прошетки.
Утре не очекува „Центарска симфонија”, преубав настан кој се реализира втора година по ред. И ова издание ќе се одржи на „Плочник”, спроти Владата. Ги повикувам сите жители на општината и градот, особено оние кои сакаат да се навратат на духот на 70-тите години и да уживаат во убава филмска и симфониска музика, да ни се придружат на овој настан, а во текот на летото продолжуваме со уште повеќе културни содржини и настани за граѓаните”, истакна Герасимовски во гостувањето во емисијата „Програма на градовите” ..
На бесплатниот концерт поддржан од Општина Центар, ќе настапат „Сонора Колектив” оркестар и вокалните солисти Иван Наумовски и Елена Васова..


