Утрински Весник
Македонија

Родителите на загинатите во „Пулс“ на 45. Марш на ангелите: Не бараме пресуда однапред, бараме вистина и правда

Img 6791.webp.webp

По 45. пат денеска низ улиците на Кочани се одржа „Маршот на ангелите“, на кој родителите и семејствата на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ уште еднаш побараа вистина, правда и одговорност за смртта на нивните најблиски.

Учесниците на маршот порачаа дека не бараат однапред донесени пресуди, туку сериозна и достоинствена постапка што ќе даде одговор на прашањата кои ги мачат семејствата повеќе од една година.

„Кога пред родители што ги изгубиле децата се зборува која е поголема жртва, тоа не е одбрана, тоа е газење врз нашата болка. Не бараме пресуда однапред, бараме одговори, бараме сериозност и барем малку достоинство. И едноставно прашање – дали секој што имал должност ја извршил совесно, професионално и во рамки на своите овластувања? Бидејќи за едни ова се минути, листинзи и процедури, а за други ова е живот што повеќе никогаш нема да се врати“, порачаа присутните.

Протестната поворка тргна во 18:05 часот од Паркот на револуцијата, од каде уште еднаш беше упатено прашањето до институциите дали сите надлежни лица постапувале професионално и согласно законските обврски.

„За вистината да не остане без глас и правдата да не остане без крај – не забораваме“, беше една од главните пораки што одекнаа за време на маршот.

Пред Полициската станица во Кочани се обрати Розета Џамова, сестра на едно од загинатите момчиња, која нагласи дека никој не ја оспорува човечката должност за спасување животи, но дека суштината на постапката е дали институциите навреме и совесно ги извршувале своите обврски.

„Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања ги извршувал така како што се очекува од една институција“, рече Џамова.

Таа потсети дека на судските рочишта голем дел од расправите се сведувале на временски интервали, телефонски повици и административни процедури.

„Во судница слушавме расправа за минути. Дали било 2:22 или 2:23 часот. Кој кому се јавил. Колку пати. Кој дал усна наредба. Кој не потпишал писмена. И во еден момент остана впечаток дека најголемата трагедија не е што 63 луѓе не се вратиле дома, туку што часовникот не бил прецизен“, истакна таа.

Според семејствата на жртвите, клучното прашање не е што било направено по избувнувањето на пожарот, туку дали претходно било преземено сè што било неопходно за трагедијата никогаш да не се случи.

Пред Основниот суд во Кочани се обрати и Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, кој нагласи дека никој не бара пресуди без докази, ниту улицата да суди наместо институциите.

„Но ако обемноста на доказите е проблем, тогаш прашањето не е зошто ги има толку. Прашањето е како толку години системот преминувал преку толку неправилности и проблеми“, рече Наунов.

На денешниот марш присуствуваа и претставници на Сојузот на борците од НОБ од Скопје, кои дојдоа да им дадат поддршка на семејствата на загинатите. По завршувањето на маршот тие засадија млади садници кај спортската сала на ОУ „Никола Карев“, во просторот наречен „Кочански ангели“.

Можете да прочитате

Нон-пејперот на Мерц и Макрон: Нова шанса или уште едно европско ветување за Македонија? 

Попладнево пукање во Скопје: Маж ранет, напаѓачот уапсен

Филипче: Пораките од Тиват ги разобличија сите лаги на Мицкоски за Европа