Утрински Весник
Балкан

Четири лица загинаа при пад на мал авион во Хрватска

Policija hr.jpg

Четири лица загинаа во пад на мал спортски авион што се урна денеска претпладне на подрачјето на Цампанож, на административната граница меѓу Пула и општина Медулин, соопшти истарската полиција.

Дојавата за несреќата била примена во 11:18 часот, по што на терен веднаш излегле три тима на брза помош, противпожарни единици, полицијата, а ангажирана е и хеликоптерска итна медицинска служба. Директорката на заводот за итна медицинска помош, Татјана Чемерикиќ, потврди дека на местото на настанот е констатирана смрт кај четири лица. Според првичните и неофицијални информации, сите настрадани се странски државјани, пренесува Индекс

Како што дознаваат хрватските медиуми, авионот полетал од Германија, а летот воопшто не бил најавен во Хрватска. Од силината на ударот во земјата, леталото се преполовило. Несреќата се случила во ненаселено подрачје, во близина на спортскиот аеродром во Медулин каде што авионот требало да слета.

Нијаз Делиќ, искусен пилот кој го користи медулинскиот аеродром, за медиумите изјави дека зад управувачот на паднатиот авион се наоѓал исто така многу искусен пилот, но причините за трагедијата остануваат непознати.

„Не знам како дојде до несреќата. Од мене непознати причини, пилотот кој требаше да слета во Медулин, над одлагалиштето за отпад Каштијун направи спирала во воздухот и директно се заби во земјата. Тоа е единствената информација со која располагаме засега“, изјави Делиќ.

Полицискиот службеник за односи со јавноста, Ален Пачиќ, потврди дека сите надлежни служби ги преземаат неопходните мерки од своја надлежност. Истрагата на терен треба да ги утврди точните технички или човечки причини кои довеле до падот на леталото.

Можете да прочитате

ЕК ги започна преговорите за вклучување на Западен Балкан во европската шема „Роаминг како дома“

Драма на небото над Србија: Воени ловци пресретнале патнички авион по дојава за бомба

Анталија во центарот на глобалниот дијалог за климатските промени како домаќин на COP31