Утрински Весник
Македонија

Пендаровски: СДСМ треба да зборува за криминал, корупција и животен стандард, а не секој ден за уставните измени

Img 6452.jpeg

Поранешниот претседател Стево Пендаровски смета дека единствениот начин опозицијата повторно да стане сериозен конкурент на ВМРО-ДПМНЕ е преку создавање широка и обединета коалиција, слична на онаа која ја предводеше Зоран Заев во пресрет на парламентарните избори во 2016 година.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Пендаровски оцени дека владејачката партија и покрај падот на поддршката сè уште има предност поради слабата консолидираност на опозицискиот блок.

„Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини“, изјави Пендаровски.

Тој посочи дека според сите изборни показатели ВМРО-ДПМНЕ изгубила значителен број гласови во споредба со периодот по парламентарните избори, но дека опозицијата не успева да го капитализира тоа поради сопствените слабости и последиците од политичките одлуки и афери во изминатите години.

Осврнувајќи се на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, Пендаровски рече дека најавите за создавање поширок опозициски фронт се единствениот реален пат за враќање на конкурентноста на опозицијата.

Поранешниот шеф на државата откри дека и самиот би размислил за враќање во активната политика, но само доколку се создаде сериозна и широка опозициска коалиција со реални шанси за победа на избори.

„Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт“, рече Пендаровски.

Сепак, тој категорично отфрли можност да стане лидер на СДСМ, нагласувајќи дека никогаш немал таква амбиција, иако со години бил близок до политичкиот блок предводен од социјалдемократите.

Пендаровски упати критика и за комуникациската стратегија на СДСМ, оценувајќи дека преголемото инсистирање на темите поврзани со уставните измени и европската рамка не носи политички поени.

Според него, опозицијата треба многу повеќе да се фокусира на прашања кои директно ги засегаат граѓаните – криминалот, корупцијата, економијата, животниот стандард и неефикасноста на институциите.

„Во политиката ги форсираш оние прашања што ти носат поени. Криминалот, корупцијата, аферите и животниот стандард се теми што граѓаните ги чувствуваат секој ден“, порача Пендаровски.

Можете да прочитате

Пендаровски: Ова е последниот воз за ЕУ, ако го пропуштиме ќе останеме со Босна и Косово

Објавени имињата на компаниите со лажни млечни производи во Македонија

Фетаи поднесе оставка откако со месеци не се појавил на работа