Утрински Весник
Економија

Компаниите добиваат побрзи и поедноставени царински процедури со е-АТА систем

Image 2026 06 01 103705141.png

Од денеска започнува глобалната транзиција кон е-АТА CARNET, целосно електронски систем за обезбедување документација за извоз на стоки, за кој Стопанската комора има јавни овластувања и ги издава овие документи во интерес на компаниите.

Во време кога дигитализацијата станува предуслов за поефикасни административни процеси и поконкурентна економија, модернизацијата на инструментите што ја олеснуваат меѓународната трговија претставува природен и неопходен чекор. ATA Carnet, познат и како „пасош за стоки“, е меѓународно признат царински документ кој овозможува привремен извоз и увоз на стоки без плаќање царини и други увозни давачки во повеќе од 80 земји и царински територии. Документот се користи за учество на меѓународни саеми, изложби, деловни настани, професионална опрема и други форми на привремено движење на стоки.


Како национална гарантна асоцијација и издавач на ATA Carnet, Стопанската комора на Северна Македонија, од воведувањето на новиот дигитален систем во април 2023 година до денес, има издадено вкупно 1.470 паралелни хартиени и дигитални АТА карнети.

Од 1 јуни 2026 година официјално започнува глобалната транзиција кон модернизираниот дигитален е-ATA Carnet систем, согласно меѓународната динамика утврдена од Меѓународната трговска комора (ICC) и Светската царинска организација (WCO).

Преминот на АТА карнетот во дигитална форма претставува значаен чекор кон модернизација и поефикасно олеснување на меѓународната трговија. Новата апликација за е-ATA Carnet ќе овозможува привремен увоз и извоз на стоки со истата функционалност како хартиениот карнет, без потреба од носење физички документи. Преку QR кодови и дигитални царински декларации, системот ќе придонесе за побрзо, побезбедно и поедноставно прекугранично движење на стоки.

Во пресрет на најавената нова фаза од страна на Меѓународната трговска комора, Стопанската комора на Северна Македонија, по примерот на останатите земји, е подготвена за започнување на процесот на воведување на е-ATA системот. Техничката подготовка е воспоставена, а Комората активно ги следи сите активности и насоки за имплементација, со цел да обезбеди навремена поддршка за деловната заедница и целосно усогласување со меѓународните стандарди.

Важно е да се нагласи дека за Северна Македонија ова не значи непосредно укинување на хартиениот ATA Carnet. Во транзицискиот период, кој согласно меѓународниот план ќе трае до крајот на 2027 година, односно до целосната транзиција на 1 јануари 2028 година, хартиениот и дигиталниот модел ќе коегзистираат. Тоа значи дека компаниите ќе продолжат непречено да ги користат постојните процедури, додека постепено ќе се воведуваат новите дигитални процеси.

За компаниите ова значи можност за навремено запознавање и подготовка за постепен премин кон побрзи и поефикасни постапки, подобра следливост на документите, намалување на административниот товар и усогласување со идните глобални стандарди во трговијата. Истовремено, транзицискиот период обезбедува сигурност и континуитет во работењето, без прекин на постојните процеси.

Можете да прочитате

Девизните резерви 5,2 милијарди евра

ОКТА продолжува со мерките за поддршка на домашниот пазар: Компанијата воведува попуст од 2 денари за бензините

Раст на даночната основа и на нето даночниот ефект кај данокот на добивка за 2025