Утрински Весник
Македонија

Кога календарот се поправа а историјата премолчува?

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Постои една стара мудрост која вели дека вистината не се менува ако долго време молчиме за неа. Историјата не е политички плакат што по потреба ќе го продолжуваме или скратуваме. Таа е сведоштво за времето, за луѓето и за фактите. Токму затоа, кога денес се одбележуваат „80 години пензионерско организирање во Македонија“, должни сме да поставиме едно едноставно, но суштинско прашање: што навистина славиме — почеток на можноста за организирање или реално и правно формирање на организација?


Никој не спори дека по 1946 година, во тогашната ФНРЈ започнува создавање на нов систем на социјално и пензиско осигурување. Донесени се сојузни и републички закони, се отвора можност за организирање на пензионерите и постепено започнува формирање на нивни здруженија низ републиките.

Но можноста не е исто што и реализацијата. Закон не значи автоматски и постоење на организација. Одлуката не е исто што и настанот. Намерата не е исто што и регистрацијата. И токму тука се наоѓа суштината на целиот спор.

Во Србија, Хрватска и Словенија уште во 1946 година се основани и регистрирани пензионерски здруженија. Тоа се историски и правни факти. Тие организации денес сосема легитимно слават 80 години постоење, затоа што нивните здруженија тогаш навистина биле формирани, регистрирани и правно признати.

Во Македонија, пак, архивските документи зборуваат нешто друго.  Првото официјално и легално пензионерско здружение е основано врз основа на Решение на Министерството за внатрешни работи на Народна Република Македонија од 4 ноември 1950 година, а Решението е објавено во „Службен весник на НРМ“ бр. 13 од 18 април 1951 година.

Тоа не е мислење. Тоа не е политичка интерпретација. Тоа не е лична проценка. Тоа е архивски и правен факт.

Оттука, пензионерското организирање во Македонија како можност започнува по 1946 година, но како реалност и како официјално здружување започнува во 1950 година.

И што тука може да биде нејасно?  Некој можеби ќе рече: „Но важно е чувството на традиција.“ Да, важно е. Но традицијата не се гради со поместување на датумите. Таа се гради со чесен однос кон сопственото минато.

Ниту Македонија, ниту македонските пензионери имаат потреба да позајмуваат туѓи датуми за да изгледаат постари или поважни. Вистинската тежина на една организација не се мери по тоа колку симболички години ќе си додаде, туку по тоа колку децении опстојувала, работела и се грижела за своите членови.

И 75 години организирано пензионерско здружување во Македонија се голема, респектабилна и достоинствена традиција. Тоа е период во кој генерации пензионери оставиле трага во социјалниот, културниот и јавниот живот. Нема никаква потреба тоа достоинство да се „надградува“ со историски непрецизности.  Особено затоа што денес живееме во време кога архивите се достапни, документите лесно проверливи, а историските хронологии меѓу поранешните југословенски републики одамна познати. Не станува збор за различни толкувања на далечна историја, туку за едноставни и проверливи датуми на регистрација.  Токму затоа, продолжувањето на една очигледна непрецизност не ја прави вистина.

Човештвото со векови го користело Јулијанскиот календар. Но кога науката утврдила дека постои временско отстапување кое со текот на времето создава сериозни разлики, календарот бил коригиран и бил воведен Грегоријанскиот календар. Никој тогаш не рекол: „Да ја оставиме грешката затоа што долго време сме живееле со неа.“ Напротив. Грешката била исправена затоа што фактите биле посилни од навиката.

Па зар и нам ни се потребни децении за да признаеме една мала и очигледна историска непрецизност?  Зар е толку тешко да се каже дека Македонија има 75 години официјално организирано пензионерско здружување, но дека традицијата на создавање услови за такво организирање започнува по 1946 година?  Тоа не ја намалува вредноста на македонските пензионери. Напротив — покажува институционална зрелост и почит кон вистината.  Затоа што вистината не е непријател на традицијата. Таа е нејзин темел.

И токму затоа би било доблесно и коректно сегашниот превид околу јубилејните години да биде усогласен со историските факти, без суети, без меѓусебни надмудрувања и без обиди некој да се прогласува за виновник. Ова не е прашање на личен престиж. Ова е прашање на институционален кредибилитет.

Особено затоа што нашите колеги од пензионерските организации во поранешните југословенски републики многу добро ги познаваат датумите на сопственото организирање и лесно можат да ја согледаат разликата помеѓу можноста за организирање и реалното основање на организација.  Никому не му е потребен непотребен спор околу нешто што архивските документи јасно го потврдуваат.

На крајот, можеби наједноставното објаснување е и најточното:  Роденденот на детето не се слави од денот на зачнувањето, туку од денот кога тоа живо и здраво ќе се роди.  Така е и со организациите.

Народ што ја почитува вистината за своето минато нема потреба да позајмува туѓи датуми за да изгледа постар или поважен.                                                                                                     Историјата не се збогатува со поместување на датумите, туку со чесно чување на фактите.

Можете да прочитате

Вчера уапсени шест возачи низ државата

И во сабота ќе може да се вади полномошно за патување на малолетници во странство

Пијан маж во Дебар возел без возачка, направил сообраќајка па нападнал полицајци