
Автобус со млади спортисти утрово излетал од коловозот и удрил во дрво во југозападна Унгарија. Во несреќата загинал возачот, а 23 лица се повредени, соопшти унгарската полиција.
Несреќата се случила околу 5:20 часот, во близина на местото Хирд, во жупанијата Барања. Според првичните информации, автобусот преминал во спротивната коловозна лента, по што удрил во дрво. Причината за несреќата сè уште не е утврдена.
Во автобусот имало деца, тренери и родители
Во автобусот патувале 28 лица: 19 млади натпреварувачи од аеробик-секцијата на Спортската школа во Печуј, тројца тренери, шест родители и возачот. Тие патувале кон Будимпешта, каде што требало да учествуваат во второто коло од натпреварување.
Од Спортската школа во Печуј информирале дека сите патници биле пренесени во болница. Еден млад спортист се здобил со скршеница на бедрената коска, неколку скршени прсти, потрес на мозокот, модринки и гребнатини.
Двајца тренери потешко повредени
Во несреќата потешко биле повредени и двајца тренери, а нивната состојба постојано се следи.
Унгарскиот претседател Тамаш Шујок ја нарече несреќата „потресна“ и изрази сочувство до семејството на загинатиот возач, како и желби за брзо закрепнување на повредените.
Полицијата продолжува со истрагата за да се утврди како автобусот ја напуштил својата лента и завршил во дрво.


