Утрински Весник
Економија

Вицегувернерката Митреска на БИС: Силен банкарски сектор, но и натаму се потребни претпазливи политики

Viczeguvernerka ana sostanok bis.png

„Банкарскиот систем во регионот е со значително подобрени показатели и поголема отпорност во споредба со периодот пред пандемијата, но силниот кредитен раст и растот на цените на недвижностите наметнуваат засилена претпазливост и потребно е постојано следење на ризиците”, порача вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска. Овие пораки беа упатени на 24. состанок на Работната група за монетарна политика во Централна и Источна Европа, организиран од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), којшто се одржува во Сараево, а чиј домаќин е Централната банка на Босна и Херцеговина.

„Стапката на адекватност на капиталот во регионот сега изнесува 20,7%, наспроти ниво од под 19% пред пандемијата, додека учеството на нефункционалните кредити е намалено на 2,5%, во однос на околу 6% пред кризата”, истакна Митреска.


Таа нагласи дека и покрај солидната состојба на банкарскиот сектор, светското окружување и натаму е исклучително неизвесно, особено поради геополитичките тензии и нарушувањата на светските синџири на снабдување, коишто можат да влијаат врз економскиот раст, инфлацијата и финансиските услови. Покрај ова, беше посочено дека кредитниот раст во регионот достигнува околу 14% во 2025 година, што е највисока стапка во последната деценија, при што растот на станбеното кредитирање е проследен и со значително зголемување на цените на недвижностите, коишто се повисоки за околу 80%, во просек, во изминатите пет години.

Митреска истакна дека, во вакви услови, и натаму се најважни редовното следење на квалитетот на кредитното портфолио, спроведувањето стрес-тестови и употребата на макропрудентни мерки, доколку биде потребно.

На состанокот на БИС учествуваат претставници на Европската централна банка и на централните банки од регионот на Централна и Источна Европа, кои разговараат за економските изгледи, инфлацијата, финансиската стабилност, монетарната политика, геополитичките ризици и примената на вештачката интелигенција во централното банкарство.

Можете да прочитате

Битиќи: Владата ја задолжува државата без план каде ќе завршат парите

Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција достигнува портфолио од 1,7 милијарди евра

Промовирана нова платформа за дигитално управување со земјоделско производство