Утрински Весник
Економија

Mожно е каматите да растат ако има натамошни инфлациски притисоци

Narodna banka.jpg

„Доколку има натамошни притисоци врз ценовното ниво, ќе реагираме со корекција на каматните стапки нагоре, но конечната одлука ќе зависи од расположливите податоци за инфлацијата и за нејзините движења во наредниот период”, порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостување во поткастот „Каде се парите” со Горан Теменугов.

Тој нагласи дека Народната банка внимателно ги следи инфлациските движења коишто, по период на дезинфлација, повторно бележат забрзување во март и април, под влијание на надворешни фактори, пред сè на растот на цените на енергентите.


Славески појасни дека претходно економијата била блиску до стабилизирање на инфлацијата на ниво од околу 2,5%, но дека последните геополитички случувања придонесле за промена на трендот и за зголемена неизвесност кај ценовните движења.

Тој истакна дека монетарната политика мора да биде внимателна и балансирана, бидејќи пребрзото затегнување може да предизвика забавување на економскиот раст, додека задоцнетата реакција може да доведе до вградување повисоки инфлациски очекувања.

Гувернерот додаде дека основната каматна стапка е главниот инструмент во одржувањето на ценовната стабилност, но дека Народната банка располага и со други инструменти, вклучително и макропрудентни мерки за зачувување на финансиската стабилност.

Народната банка и во иднина внимателно ќе ги следи економските показатели и ќе носи одлуки врз основа на поширок збир податоци за инфлацијата и за економските движења, при што во фокусот и натаму ќе биде одржувањето на ценовната стабилност на среден рок.

Можете да прочитате

БДП во 2025 година по жител изнесувал 9.859 евра

Димитриеска Кочоска: Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година

ОКТА: Финансиски резултати за третиот квартал и девет месеци од 2026 година