Утрински Весник
Скопје

Од Ристиќева палата до ретро игранка, Центар вечерва го оживува старото скопското корзо

Korzo1.jpg

Општина Центар во соработка со Здружението на пензионери на Општина Центар вечерва, со почеток од 19:00 часот, го организира настанот „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време”.

Настанот ќе започне од Плоштадот „Македонија” со симболична прошетка низ старото скопско корзо, а потоа продолжува во салата на ООУ „Димитар Миладинов” каде ќе се одржи свечена игранка.


Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, упати покана до сограѓаните да дојдат на настанот и да го почувствуваат шармот на некогашните променади низ центарот на Скопје.

„Ќе прошетаме покрај Ристиќева палата, поранешниот хотел „Македонија”, „Кенан”, „Ванила” и „Громби” – местата каде што се создаваа најубавите спомени. Ќе се потсетиме на златните скопски времиња, кога корзото беше центар на светот, место каде што се раѓаа првите симпатии и љубови, а еден поглед значеше повеќе од илјада пораки на мобилен телефон”, порача Герасимовски.

И Активот на жени пензионери на Општина Центар упати покана до пензионерите и од другите општини да се приклучат на ова ретро дружење.

„Ова е прекрасна можност повторно да се сретнеме, да прошетаме по некогашното корзо и да ги разбудиме спомените од младоста. Дружењето ќе продолжи во свечената сала на ООУ „Димитар Миладинов” (поранешно „Браќа Рибар”), со игранка и  евергрини со диџеј, кои ќе нè вратат во едно поинакво Скопје и ќе ги разбудат емоциите што сè уште живеат во сите нас”, порачуваат пензионерите од Центар.

Можете да прочитате

СДСМ: Од „72 часа чисто Скопје” до 172 дена смет, депонија и неспособност на Орце

Oдбележани 190 години од формирањето на првата противпожарна единица во Македонија

Нови осум училници за 200 деца во ООУ „Јоаким Крчовски“ во Волково-Орман