
Македонската ракометна репрезентација повторно ќе биде дел од светската елита, откако вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ ја совлада Словачка со убедливи 38-23 и официјално обезбеди пласман на Светското првенство 2027 кое ќе се одржи во Германија.

Избраниците на селекторот одиграа доминантен натпревар пред исполнетите трибини во Скопје и уште еднаш покажаа дека Македонија останува редовен учесник на големите ракометни собири. Ова ќе биде 10-то учество на македонската репрезентација на едно Светско првенство.
Македонските ракометари практично уште во првиот натпревар го трасираа патот кон Мундијалот, откако пред седум дена славеа и на гостински терен со 31-24. Вечерва само ја потврдија огромната разлика во квалитет и со нов убедлив триумф ја заокружија успешната квалификациска приказна.
Капитенот Филип Кузмановски беше предводник на Македонија со фантастични 11 погодоци и уште еднаш покажа зошто е еден од клучните играчи на националниот тим.
Македонија со ова продолжува една значајна традиција на континуирани настапи на најголемата светска ракометна сцена, а љубителите на ракометот со нетрпение ќе ја очекуваат комплетната жрепка за Светското првенство, која ќе се одржи на 10 јуни.



