
Соопштение за јавност на Левица:

Во услови кога цените секојдневно растат, платите не стигнуваат ни до половина од месец, а народот сѐ потешко го поминува месецот, најновите податоци за инфлацијата уште еднаш покажуваат дека економската состојба воопшто не изгледа на “четврта економска сила во Европа”, како што се обидува да прикаже Мицкоски . Наместо состојбата де се стабилизира, граѓаните повторно се соочуваат со нов бран поскапувања, особено кај храната и основните производи за живот.
Според Државниот завод за статистика, инфлацијата во април годинава, во споредба со истиот месец лани, изнесува 5,65%. Ова е многу повеќе од проектираната инфлација од 2,5% и јасно покажува дека цените растат со темпо кое народот не може да го издржи. Особено загрижува тоа што храната и безалкохолни пијалоци поскапеле за 8%, што директно удира по секое семејство.
Ако се погледне периодот од април 2022 до април 2026, кумулативната инфлација достигнала алармантни 36%, додека храна и безалкохолни пијалоци поскапеле за 45,4%. Тоа значи дека за истите производи што граѓаните ги купувале пред четири години денес плаќаат речиси за половина повеќе. Од друга страна, платите и пензиите воопшто не го следат тој раст.
Огромниот раст на цените на храната, струјата, енергенсите и основните производи покажува дека десничарската власт нема суштински план како да се справи со кризата и да го заштити стандардот на граѓаните. Наместо сериозни мерки гледаме импровизации, краткорочни потези и ПР пораки дека „економијата е стабилна”.
Она што особено загрижува е што Владата нема анти-инфлаторна стратегија. Наместо контрола на трговците и профитерството, ограничување на маржите, замрзнување на цените на основните производи, поддршка за домашно производство и реален раст на платите институциите дозволуваат товарот од кризата целосно да падне врз грбот на работниците.
Левица инсистира на итно донесување на пакет мерки за заштита на граѓаните, кој ќе вклучува:
-ефикасна контрола и замрзнување на цените на основмите производи
-зголемување на минималната плата во согласност со реалните трошоци за живот
-целосна транспарентност и отчетност во монетарната и фискалната политика
Без вакви конкретни и праведни чекори, инфлацијата ќе продолжи да го гуши народот, а најголемата тежина ќе ја понесат најсиромашните и работниците.


