
Педесет и шестгодишната Милена Витанова е убиена во италијанскиот град Пјаченца, а за убиството е осомничен нејзиниот сопруг, 59-годишниот Хако Витанов, кој самиот го признал злосторството.
Трагедијата се случила во семејниот стан на шестиот кат во зграда на периферијата на градот, каде според првичните информации, мажот ја нападнал сопругата со нож.
Според италијанските медиуми, Хако Витанов околу 15:30 часот се јавил на бројот за итни случаи 112 и со ладнокрвни зборови му рекол на операторот:
„Дојдете, ја убив жена ми.“
По пријавата, на местото веднаш пристигнале карабињери, пожарникари и итна помош. Вратата од станот била заклучена, па полицијата со голема претпазливост влегла низ прозорец, стравувајќи дека осомничениот можеби е вооружен и забарикадиран внатре.
Во дневната соба било пронајдено безживотното тело на Милена Витанова, со видливи траги на насилство и крвава повреда на задниот дел од главата. Во близина на телото бил пронајден и ножот со кој најверојатно било извршено убиството.
Во станот немало трага од сопругот, по што карабињерите започнале интензивна потрага.
Истражителите наведуваат дека жената имала повреди и на рацете, што укажува дека се обидувала да се одбрани од нападот. Сите детали ќе бидат утврдени по обдукцијата.
Според информациите на италијанските медиуми, пред да исчезне, Хако ги однел двете деца кај нивен чичко кој живеел во близина. Семејството имало вкупно четири деца.
Неколку часа подоцна, полицијата го пронашла осомничениот кај гробиштата Виа Каорсана во Пјаченца, каде што се обидел да си ги пресече зглобовите.
Неофицијално, тој сакал да стигне до гробот на својот син, кој пред неколку години загинал во тешка сообраќајна несреќа заедно со ќерката на Стојан Витанов.
Мажот бил спречен навреме, медицински згрижен и потоа однесен во полициска станица на распит.

Италијанското обвинителство и карабињерите продолжуваат со истрагата за мотивите и околностите на ова семејно злосторство, за кое се претпоставува дека произлегло од длабоки семејни конфликти.


