
Ексградоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, упати серија остри обвинувања кон актуелниот градоначалник Сотир Лукровски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека официјалното образложение за „боледување“ е само параван за негово трајно заминување од функцијата.
Реакцијата доаѓа откако од Општина Карпош соопштија дека Лукровски не поднел оставка, туку е привремено отсутен поради здравствени причини. Во негово отсуство, со општината ќе раководи членот на Советот, Неделчо Крстевски.
Јакимовски оценува дека станува збор за незаконско „купување време“ и обид да се прикрие реалната состојба во општината. Според него, постојат неколку факти кои, како што тврди, го побиваат објаснувањето за привремено боледување.
Тој посочува дека до Централниот регистар било поднесено барање Лукровски да биде избришан како одговорно лице, а на негово место да биде впишан заменик, но барањето било одбиено. Дополнително, според Јакимовски, бил направен и обид за промена на овластените потписници во Трезорот, а градоначалникот веќе се раздолжил и со службеното возило што го користел.
„Ако е боледување, не се брише градоначалник од Централен регистар и не се менуваат потписници како човекот да заминал засекогаш“, изјави Јакимовски.
Тој додава дека оставката на Лукровски се подготвувала со месеци и дека за целиот процес бил запознаен и премиерот Христијан Мицкоски.
„Формално — боледување. Неформално — оставка. Партиски — купување време. Правно — импровизација“, наведува Јакимовски во својата реакција.
Од друга страна, од Општина Карпош остануваат на ставот дека институцијата функционира непречено и апелираат до јавноста и медиумите да ја почитуваат приватноста на градоначалникот и неговото семејство додека тој се грижи за своето здравје.


