
Соопштение за јавност на ДУИ:
Новиот скандал во МЕПСО отвора сериозни сомнежи за организирана мрежа на партиско фаворизирање и злоупотреба на јавните пари.
Компанијата ” Green Maintenance” формирана само неколку недели пред распишувањето на тендерот, без работна историја, без докажан капацитет и без реално присуство на терен, успева да добие договор вреден до 236 илјади евра за чистење на коридорите под далноводите.
Она што го прави случајот уште поскандалозен е фактот што еден од сопствениците на компанијата, Шабан Шефки, јавно се појавува како активист и поддржувач на ВЛЕН и Изет Меџити, додека договорот го потпишува директорот на МЕПСО, Бурим Латифи прв братучед на Изет Меџити, веќе познат во јавноста по криминалниот договор со компанијата од Бања Лука, со кој државата беше оштетена за 6 милиони евра.
МЕПСО веќе е во центарот на јавноста по скандалот со далноводот кон Албанија, каде државата треба да плати милионска штета.
Додека граѓаните се соочуваат со економска криза и високи цени, луѓе блиски до власта отвораат компании преку ноќ и добиваат јавни тендери вредни стотици илјади евра.
ДУИ бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство веднаш да отворат постапка и да истражат дали зад овој тендер стои организирана шема за извлекување на јавни пари.
Граѓаните заслужуваат институции, а не партиски и семејни каси.

