Утрински Весник
Магазин

Кинескиот суд: Работниците не смеат да бидат отпуштени поради воведување на вештачка интелигенција

Sud.webp.webp

Кинескиот суд во Хангџоу донесе пресуда дека компаниите не смеат да отпуштаат вработени само затоа што ги заменуваат системи на вештачка интелигенција. Пресудата е донесена откако една технолошка компанија во источна Кина незаконски отпуштила работник откако тој одбил деградација и намалување на платата поради автоматизација на неговото работно место.

„Судот оцени дека аргументите на компанијата не претставуваат законски основ за отказ, бидејќи не станува збор ниту за намалување на обемот на работа, ни за објективни деловни тешкотии, ниту пак има причини да не им се продолжи договорот, пренесе кинеската телевизија ЦГТН.


Во посебно соопштение судот нагласи дека работодавачите не смеат туку-така да отпуштаат работници или да намалуваат плати поради технолошкиот напредок. Во образложението на одлуката, судот во Хангџоу посочува дека важното прашање е дали замената на работното место со вештачката интелигенција може да се смета за „значајна промена“, што според кинескиот закон за работни односи може да претставува основ за раскинување на договорот.

Судот, исто така, препорача компаниите, наместо да пристапуваат кон отпуштања, да им овозможат на работниците обуки и преквалификација за извршување посложени работни задачи, при што ќе треба да се обезбеди соодветна компензација за трошоците како што се превоз или преселување.

„Судската постапка е започната откако работник – експерт за контрола на квалитет во една технолошка компанија, задолжен за проверка на точноста на големи јазични модели, бил заменет со ВИ систем. Веднаш потоа, му било понудено ново работно место со намалување на платата од 40 проценти. А откако не ја прифатил понудата за преместување, компанијата го отпуштила, образложувајќи дека е намалена потребата од работна сила поради воведување на вештачка интелигенција“, соопшти Блумберг.

Спорот бил разгледуван во постапка на арбитража, по што случајот завршил пред суд, завршувајќи во корист на работникот – со надомест. Уште еден таков случај имало во декември, откако друг кинески суд заклучил дека воведувањето на вештачка интелигенција не претставува законска основа за отказ на работници во една помала технолошка компанија. 

Можете да прочитате

Дневен хороскоп за 5 мај 2026 година

Меркур влегува во Бик: Следуваат три недели посмирена комуникација

Крај на честото купување нов телефон: ЕУ воведува нови правила