Утрински Весник
Македонија

Стојчевски: Да се стопираат градилиштата додека не се провери безбедноста при работа

Img 3292.jpeg

Градежниот сектор во Македонија е исправен пред сериозен системски проблем, а честите несреќи на работните места се последица на нефункционални закони, бирократија и недоволна контрола. На ова предупреди Борче Стојчевски од Здружението на инженери за заштита „Тутела“, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Стојчевски порача дека доколку се бара итно и радикално решение, тогаш треба да се воведе привремен мораториум на градењето, сè додека не се утврди дали градилиштата ги исполнуваат основните безбедносни стандарди.


„Моја желба, а веројатно и на сите граѓани, е затворање на сите градилишта додека надлежните институции не утврдат дали се безбедни. Но, свесен сум дека тоа би било сериозен удар врз економијата“, изјави Стојчевски.

Тој посочи дека вистинското решение не е во краткорочни мерки, туку во носење на нов Закон за безбедност и здравје при работа, кој според него е целосно подготвен, но сè уште не е усвоен.

Иако рокот за негово донесување бил до крајот на 2024 година, како обврска преземена пред европските институции, законот сè уште не влегол во собраниска процедура. Во моментов, документот се наоѓа во Министерството за економија и труд, каде се чека финална правна проверка и дополнителна дебата.

Стојчевски предупреди дека актуелниот правилник создава конфузија на терен. Според него, не се знае точно каде завршува одговорноста на инвеститорот, а каде почнува обврската на изведувачот или надзорот.

Дополнителен проблем е и административниот товар, бидејќи секој работодавач мора посебно да го пријавува своето присуство на градилиште, дури и ако работи само еден ден, што создава непотребна документација наместо реална контрола.

Во европската пракса, како што појасни, се пријавува самото градилиште кога има поголем број работници или подолг рок на изведба, со што институциите се насочуваат кон суштински надзор, а не кон хартиена процедура.

Како клучно решение, Стојчевски ја посочи потребата од координатор за безбедност на секое градилиште, кој ќе изработи заеднички план за сите изведувачи и ќе обезбеди јасна поделба на одговорностите.

Според него, само со нов закон, јасни правила и реална контрола може да се запре црната статистика и бројот на несреќи во градежниот сектор да се сведе на минимум.

Можете да прочитате

Пешевски: Секој ден на градилиште е бинго – дали ќе се вратиш жив дома

Пешевски: Градежните камповите на странските изведувачи личат на затвор

Петковски бара безбедност при работа да се учи уште во училиште