Утрински Весник
Македонија

Семејства затекнале бетонирани гробови и поместени парцели – АД „Бутел“ ја призна грешката!

Grobista kamnik 27.04.2026.jpg

Шокантна сцена ги пречекала семејствата на починатите на градските гробишта во скопската населба Синѓелиќ, каде наместо достоинствени вечни почивалишта на своите најблиски, затекнале забетонирани основи врз ковчезите, поместени гробни места и нови ископани парцели на минимално растојание пишуваше 4news.mk.

Револтирани граѓани сведочат дека просторот бил целосно нарушен, а пристапот до гробовите речиси невозможен.


„Вчера во 18 часот дојдовме да запалиме свеќи, бидејќи поминаа три месеци од смртта на мојот сопруг. Затековме целосно поместување на гробното место. Мојот сопруг буквално е закопан меѓу овие две цигли. Телата не се поместувани, туку се зациментирани одозгора. Ковчегот на мојот сопруг се наоѓа под бетонот“, раскажува сопруга на починат граѓанин.

Таа додава дека ситуацијата е навредлива и недостоинствена.

„Ова е вандализам. Сега јас да газам врз телата? Парцелите кои ги имавме беа број 7 и 8, а сега ова како ќе го крстат – 7,5?“, прашува таа.

Случајот предизвика бурни реакции, по што Акционерското друштво „Бутел“ излезе со официјално појаснување. Оттаму признаваат дека при изведбата дошло до техничка грешка во позиционирањето на бетонскиот фундамент.

„При изведувањето е направена техничка грешка која е веднаш исправена. Во разговор со семејствата и со нивна целосна информираност, бетонскиот фундамент во текот на денешниот ден се поставува со точни димензии“, соопштија од претпријатието за сдк.мк.

Освен проблемот со гробните места, семејствата алармираат и за опасност од одрони на земјиштето, откако бил стеснет патот над гробиштата. Според нив, институциите меѓусебно ја префрлале одговорноста за изградба на потпорен ѕид.

По реакциите, директорот на АД „Бутел“ излегол на терен и остварил средба со семејствата, при што било договорено да се изгради соодветен потпорен бетонски ѕид за заштита на просторот.

Во меѓувреме, дополнителен револт предизвикуваат и тврдењата дека спорните парцели биле продавани како „ексклузивни гробни места“, за кои граѓаните плаќале суми и над 320.000 денари.

Случајот отвори сериозни прашања за начинот на управување со гробиштата, третманот на ожалостените семејства и почитта кон вечните почивалишта.

Можете да прочитате

Одржан Денот за високи гости на вежбата „БЛЕСОК 26″

Сиљановска-Давкова: Она што го прави НАТО со стандардите да го прави ЕУ со Копенхашките критериуми, тие треба да важат за сите

13 годишно дете нападнато од поголема група малолетници во Аеродром