Утрински Весник
Македонија

Рускоска откри како и нуделе пари од подземјето

Img 4092.jpeg

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, за првпат сподели шокантни детали за директни обиди да биде потплатена во текот на нејзината долгогодишна кариера.

Рускоска опиша ситуација во која моќни фигури од подземјето се обиделе да стигнат до неа преку нејзиното потесно семејство. Според нејзиното сведоштво, лица блиски до притвореник во еден од нејзините предмети стапиле во контакт со нејзиниот внук и снаа за да пренесат понуда за поткуп.


„Дојдоа да пренесат колку пари нудат, само за да го пуштам неговиот брат од притвор. Се изнервирав што еден криминалец мисли дека може да ме купи. Веднаш му се јавив на тогашниот шеф Јован Илиевски и го известив за сè“, откри Рускоска.

Сепак, од денешна перспектива, таа вели дека жали што тогаш не постапила поинаку за да ги приведе лицата кои нуделе поткуп.

„Ја згрешив работата, требаше да кажам дека прифаќам, па и него да го затворам, да му прави друштво на брат му во притвор“, изјави таа.

Рускоска откри дека тоа не бил единствениот пат кога се соочила со кеш на маса. Таа се присети и на стар случај на убиство, уште пред формирањето на обвинителството за организиран криминал, кога судија донел ослободителна пресуда и покрај доказите.

Според неа, тогаш ѝ било понудено да не вложува жалба на ослободителната пресуда во замена за голема сума пари.

Таа ја одбила понудата и вложила жалба до Апелација. Апелационен суд ја прифатил жалбата, по што обвинетиот добил долгогодишна затворска казна.

Изјавите на Рускоска повторно ја отворија темата за корупцијата, притисоците и обидите за влијание врз правосудниот систем.

Можете да прочитате

30 дена притвор за поранешниот претседател на ФФМ

Голема полициска акција: Се разбива мрежа на доктори за незаконски медицински услуги

Рускоска: Според фискалните на Бојан Јовановски, парите од „Рекет“ одамна се потрошени