Утрински Весник
Македонија

Партнерства имаме и стратегијата за ЕУ треба да се гради и преку нив

Whatsapp image 2026 02 25 at 10.15.55.jpeg

Пишува: ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Република Македонија одамна не е сама на својата приказна. Денес, повеќе од кога било, таа е дел од поширока геополитичка слика во која интересите на големите сили се вкрстуваат, а малите држави мораат внимателно да ја дефинираат својата позиција.


Во таа насока, стратешките партнерства со Соединетите Американски Држави и Велика Британија се важен исчекор. Со САД, Македонија веќе има продлабочена соработка не само во безбедноста и одбраната, туку и во економијата, енергетиката, особено во насока на диверзификација и намалување на зависности; дигиталниот развој и зајакнувањето на институциите и владеењето на правото. Тоа го прави ова партнерство пошироко од класичен политички сојуз и го позиционира како алатка за долгорочна стабилност и економски развој. Со договорот со Велика Британија, тежок до 5 милијарди фунти за инфраструктура, здравство и образование, Македонија дополнително покажува дека знае да гради партнерства надвор од Европската Унија.

Но прашањето останува: ако нашите најсилни сојузници се надвор од ЕУ, како таа поддршка да се претвори во предност токму внатре во европскиот процес? Одговорот, всушност, е прилично јасен. Иако се надвор од Европската Унија, влијанието на САД и Велика Британија врз европските безбедносни, политички и економски процеси останува и понатаму значајно и суштинско, што им дава реален капацитет да поддржат позиции што се однесуваат на кредибилитетот на проширувањето.

Но токму затоа што овие партнерства се значајни, тие носат и поголема наша одговорност и активност. Партнерството не е цел сама по себе, тоа е алатка. И како секоја алатка, вреди онолку колку што знаеме и можеме да ја користиме.

Денес, Македонија има нешто што порано често ѝ недостасуваше: јасно поставена геополитичка насока. Но според мое мислење, она што сè уште недостига е подеднакво јасна внатрешна стратегија како тие партнерства да се преточат во конкретни резултати за граѓаните, особено во контекст на европската интеграција.

Процесот на приближување кон Европската Унија веќе не зависи само од реформите дома. Тој сè почесто се судира со билатерални условувања, особено од страна на Бугарија, кои отвораат прашања за кои е тешко да се најде рационална основа, а уште потешко да се оправда нивната употреба како пречка и кочница на нашата интеграција.

Токму тука се отвора најважната можност. Стратешката поддршка од САД и Велика Британија не смее да остане само на ниво на соработка во договорените области. Таа треба и може да се претвори во дипломатски капитал што ќе помогне во заштита и доследна примена на европските принципи во процесот на проширување. Тоа значи јасно артикулирање на ставот дека билатералните прашања не треба да бидат услов за членство и дека кредибилитетот на Европската Унија зависи од предвидлив и праведен процес. Истовремено тоа бара наша поактивна координација со сојузниците преку билатералните односи и пошироките евроатлантски партнерства, со цел овие позиции да добијат поширока политичка поддршка.

Поддршката од САД и Велика Британија може да се артикулира и на конкретни начини од јасни политички пораки за почитување на европските принципи, преку дипломатско посредување, до поддршка за доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права. Во таа смисла, прашања како правата на заедниците и слободата на здружување не треба да бидат предмет на политичка проценка и доба воља, туку обврска што важи за сите членки на ЕУ подеднакво и претставува одбрана на принципите врз кои се темели самата Европска Унија. Во спротивно, ризикот е Европската Унија да испрати порака дека критериумите важат за едни, а условувањата за други со што директно и недвосмислено го поткопува сопствениот кредибилитет.

Во тој контекст, можеби е време Европската Унија да се охрабри и да отвори поширока дебата за тоа дали сегашниот модел на одлучување, заснован на апсолутна едногласност, кој дозволува блокади од поединечни членки, е одржлив во процесот на проширување. Прашањето не е само македонско, туку системско: дали иднината на Унијата треба да зависи од апсолутна едногласност или од поширок консензус заснован на принципи и критериуми.

Одвојувањето на билатералните спорови од процесот на проширување мора да стане формален принцип, а не само политичка препорака. Тоа би значело дека исполнувањето на критериумите за членство ќе се оценува независно од историски или идентитетски прашања, со што би се спречило нивното користење како инструмент за блокада. Таков пристап не ја слабее Европската Унија, туку ја зајакнува нејзината правна и политичка предвидливост. Европската Унија не се тестира кога работите одат лесно, туку кога треба да ги брани сопствените принципи под притисок.

Партнерствата не се само политички и економски капитал. Тие се тест за државната зрелост. Во време кога геополитиката се враќа во голем стил, малите држави не можат да си дозволат луксуз на пасивност. Македонија веќе има позиција, има сојузници и има јасна ориентација.

Македонија треба да ги користи своите партнерства како продолжена рака на својата европска стратегија, но не како паралелна политика. Тоа значи координирана дипломатија, јасни позиции и континуиран ангажман за почитување на принципите врз кои се темели Европската Унија.

Сега останува да покажеме дека имаме стратегија на овој план, која ќе го претвори стекнатиот политички капитал и нашите предности во конкретен резултат. Проширувањето не е прашање дали Европа ќе се прошири, туку дали ќе остане верна на себе.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Скопски таксист „одрал“ странски турист – 7.800 денари од Центар до Средно Водно

Претрес во Охрид, пронајдени дрога, оружје и муниција

Средби на Муцунски со министерката за европски и меѓународни работи на Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, и со министерката за Европа, Клаудија Бауер