Утрински Весник
Свет

Карго авион на DHL се преполови при слетување на аеродром во Костарика

Avion.jpg

Никој од лицата во авионот не е повреден, соопшти портпарол на компанијата за достава, додавајќи дека ДХЛ работи со надлежните институции за отстранување на леталото.

Механички дефект го натерал пилотот да побара итно слетување кратко по полетувањето од аеродромот Хуан Сантамарија.


Карго авион Боинг 757-200, управуван од ДХЛ, извршил драматично принудно слетување на меѓународниот аеродром Хуан Сантамарија во Костарика, по што излетал од пистата и се преполовил, при што му отпаднал опашниот дел.

ДХЛ, дел од Дојче Пост АГ, соопшти дека екипажот е неповреден, а еден член бил подложен на лекарски преглед од претпазливост.

Фотографии објавени од костариканскиот весник „Ла Насион“ покажуваат жолт авион со логото на ДХЛ како е покриен со противпожарна пена на тревната површина покрај пистата. Според фотографиите, опашката била одвоена, а едно крило оштетено.

Леталото било на пат кон Гватемала кога дошло до дефект во хидрауличниот систем, изјавил заменик-директорот на цивилното воздухопловство на Костарика, Луис Миранда Муњоз.

Проблемот го натерал пилотот веднаш по полетувањето да побара итно враќање и слетување.

Од Боинг соопштиле дека сите прашања ги препуштаат на истражните органи.

Од аеродромот информираа дека работат заедно со ДХЛ на отстранување на авионот и дека инцидентот не ги загрозил понатамошните операции.

Аеродромот, кој се наоѓа во близина на главниот град Сан Хозе, повторно бил отворен во 15:30 часот по локално време, околу пет часа по несреќата.

Поради затворањето биле погодени околу 8.500 патници и 57 комерцијални и карго летови.

Можете да прочитате

САД одобрија продажба на руска нафта за уште еден месец

Откриена иранска мрежа која ги таргетирала израелските функционери и средства низ целиот свет

Иран соопшти дека не е планирана нова рунда преговори со САД