
Плоштадот Пјаца Матеоти во срцето на Џенова викендов се претвори во огромна сцена на отворено, каде повеќе од 20.000 луѓе присуствуваа на бесплатен техно настан што веќе се смета за еден од највпечатливите урбани моменти во Италија оваа година.
Главна ѕвезда на вечерта беше светски познатата белгиска DJ артистка Charlotte de Witte, која настапи пред илјадници млади, туристи, семејства и љубители на електронската музика. Но вниманието не го привлече само музиката.
Во првите редови танцуваше и градоначалничката на Џенова, Силвија Салис, поранешна олимпијка и едно од најновите лица на италијанската политика. Снимките од преполниот плоштад и нејзиното присуство меѓу граѓаните брзо станаа вирални на социјалните мрежи.
Салис порача дека градот мора да им се отвори на младите генерации и да понуди содржини што ќе ги задржат во градот.
„Свесни сме дека сме меѓу европските градови со највисока просечна возраст. Затоа младите мора да бидат приоритет“, изјави таа.
Џенова со години се соочува со стареење на населението и иселување на младите, па овој настан многумина го толкуваат како нов модел на урбана политика – наместо класични ветувања, преку култура, музика и нова енергија.
Додека многу европски градови бараат начин како да ги вратат младите, Џенова испрати јасна порака – градот може повторно да живее ако им даде простор на новите генерации.

