Утрински Весник
Македонија

Муцунски од Анталија: Регионалната поврзаност е предуслов за развој и стабилност

Image 2787.jpeg

Во рамки на учеството на Antalya Diplomacy Forum 2026, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на панел посветен на новите можности во регионалната и интерконтиненталната поврзаност, на тема „New Opportunities in Connectivity” (Нови можности за поврзување).

Во своето обраќање, министерот истакна дека поврзаноста денес претставува клучен елемент за економската отпорност, регионалната стабилност и одржливиот развој, особено во услови на зголемена геополитичка неизвесност и трансформација на глобалните синџири на снабдување. Тој нагласи дека Република Северна Македонија, како држава со стратешка позиција на крстопатот меѓу Европа и поширокиот евроазиски простор, има активна улога во унапредувањето на регионалната инфраструктурна и транспортна поврзаност.


Посебен акцент беше ставен на значењето на Коридорот VIII, како еден од клучните источно-западни правци што ја поврзуваат Јадранската и Црноморската област. Министерот нагласи дека неговата целосна доизградба и функционално поврзување со соседните земји претставува стратешки приоритет, при што беше истакната и важноста на железничкото поврзување со Република Бугарија како дел од европските транспортни мрежи.

Во контекст на новите глобални иницијативи за диверзификација на транспортните и трговските рути, министерот се осврна и на Коридорот 10, нагласувајќи ја улогата на Северна Македонија во европските иницијативи за поврзаност, вклучително и напорите на Европската Унија за развој на одржлива инфраструктура што ги поврзува Западен Балкан, Источна Европа и поширокиот евроазиски простор.

Дополнително, беше истакната подготвеноста на земјата активно да учествува во мултилатерални формати на соработка за надминување на техничките, регулаторните и финансиските бариери. Во таа насока, беше потенцирана важноста од засилена координација меѓу владите, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор.

Учеството на министерот Муцунски на овој панел ја потврди определбата на Република Северна Македонија за активна регионална соработка, промоција на инфраструктурни проекти со додадена вредност и придонес кон стабилна, безбедна и економски поврзана Европа.

Можете да прочитате

Филипче-Санчез: Прогресивните сили мора да дејствуваат заеднички

Законите треба да ја следат реалноста, не да ја диктираат

Тетовец со уцени и закани барал 20.000 евра од жена