
Со поставувањето камен-темелник во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска официјално започна реализацијата на проектот за доградба на основното училиште „Страшо Пинџур“.
Со доградбата, училиштето добива современ и функционален простор, проектиран како целина со постојниот објект, со што значително се подобруваат условите за изведување на наставата. Новиот дел ќе располага со шест училници (три на приземје и три на кат), со вкупен капацитет од околу 180 ученици, како и современи санитарни јазли, вклучително и простории прилагодени за лица со попреченост.
-Со реализацијата на овој проект се очекува значително подобрување на просторните услови, растеретување на постојните капацитети и подигнување на квалитетот на наставниот процес, во согласност со современите стандарди во образованието – изјави Стојкоски.
Проектот, појасни градоначалникот, опфаќа и изградба на дополнителен влез во приземјето, со што ќе се подобри протокот на движење и ќе се зголеми безбедноста во објектот. Вкупната бруто-површина на доградбата изнесува околу 706 м², додека нето површината е приближно 620 м².
Проектот се реализира во соработка помеѓу Министерството за образование и наука, кое ги обезбедува финансиските средства, проектната документација, изборот на изведувач и надзорот, и Општина Ѓорче Петров, која обезбедува урбанистичка и техничка документација, приклучоци на комунална инфраструктура и услови за безбедно одвивање на градежните активности.
Доградбата има за цел унапредување на условите за изведување на наставата и создавање предуслови за воведување на едносменска работа во училиштето. Вредноста на инвестицијата изнесува 36.700.000 денари со вклучен ДДВ.

