
Иако е забележано благо подобрување во квалитетот на собраниската дебата во текот на 2025 година, таа сè уште останува на средно ниво, со оценка 5,7 од можни 10, покажува најновиот извештај за работата на пратениците.
Според анализата, опозицијата има значително поголема активност во однос на власта, при што дури 63 проценти од вкупните настапи во Собранието се на опозициски пратеници, наспроти 37 проценти од пратениците на власта. Зголемена активност е забележана и кај опозициските претставници од албанскиот политички блок.
„Ниското ниво на аргументацијата во репликите и контрарепликите ја намалува целокупната оценка. Класично е опозицијата да има повеќе настапи, но проблемот е што содржината на тие настапи често не е доволно квалитетна“, изјави Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Извештајот нотира дека има одреден напредок во однесувањето на пратениците, со намалување на личните навреди и дисквалификации. Сепак, клучен проблем останува слабата аргументација. Дури 21 процент од дискусиите биле без никакви аргументи, додека во 49 проценти аргументите биле недоволно развиени. Само во 21 процент од случаите бил понуден барем еден цврст аргумент.
Дополнително, пратениците покажале слаб интерес за теми поврзани со младите и нивната иднина, кои најчесто се споменуваат само во контекст на меѓусебни политички обвинувања за иселувањето.
Слаби резултати се бележат и во комуникацијата со граѓаните преку канцелариите за контакт. Дел од пратениците воопшто немале средби со граѓани, додека најчести барања биле поврзани со вработување.
„Граѓаните се толку поделени по политичка линија што често избегнуваат да влезат во канцеларија на пратеник од друга партија, стравувајќи од перцепција за политичка припадност“, посочи Неда Малеска Сачмароска од Центарот за управување со промени.
Според извештајот, најактивни говорници во анализираниот период биле пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците, како и Фатмир Битиќи и Јованка Тренчевска од СДСМ, кои најчесто се јавувале за збор и имале најдолги обраќања.
Анализата е спроведена во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), проект поддржан од Владата на Швајцарија, и се однесува на периодот јули – декември 2025 година. Оценката од 5,7 е на исто ниво со првото полугодие од годината, но сепак покажува благ напредок во однос на претходните години.
Од Националниот демократски институт (НДИ) најавија дека од 27 април до 5 мај ќе се реализира караван за директни средби меѓу граѓаните и пратениците во осум градови низ земјата, со цел зголемување на транспарентноста и довербата во законодавниот дом.


