Утрински Весник
Македонија

Внимавајте со храната за Велигден!

Jajca za veligden 660x422 1.jpg

Во пресрет на велигденските празници, лекарите апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при подготовката и консумирањето на храната, бидејќи токму во овој период традиционално се зголемува бројот на цревни инфекции и труења со храна.

По завршувањето на велигденските пости, трпезите се полнат со разновидна и често потешка храна, која се подготвува во големи количини и се консумира со денови. Според лекарите, токму неправилното чување на храната и нејзината долготрајна употреба ја зголемува опасноста од расипување и контаминација.


Д-р Горан Рангелов од Универзитетската клиника за инфективни болести посочува дека храната треба да се подготвува и чува во соодветни услови, а најбезбедно е да се консумира веднаш по нејзината подготовка.

При евентуално труење со храна, најчести симптоми се повраќање, дијареа и покачена температура, која може да трае неколку дена. Во вакви случаи, најважно е да се избегне дехидратација и да се внесуваат доволни количини течности.

Посебна внимателност се препорачува кај лицата кои постеле, бидејќи наглото враќање на мрсна и тешка храна може да предизвика здравствени проблеми, како воспаление на желудникот или панкреасот.

Лекарите предупредуваат и за ризикот од консумирање јајца кои се чуваат подолго време по празниците, иако се термички обработени. Во пракса, како што велат, имало случаи на труење дури и недели по Велигден, поради несоодветно складирани јајца.

Во меѓувреме, надлежните институции најавуваат засилени контроли. Агенцијата за храна и ветеринарство врши вонредни инспекции во маркети, угостителски објекти, месарници, зелени пазари и кај производители и увозници на бои за јајца, со цел да се гарантира безбедноста на храната во празничниот период.

Можете да прочитате

Зел 7.500 па побарал уште 10.000 евра мито, се бара притвор за помошник директорот во Царина

Дајмонд Мол со две европски награди за најдобар проект од областа на општествената одговорност 

ВРЕДИ: Случајот Ласкарци е симбол на неуспехот на судството