Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: 2.800 луѓе годишно умираат од загаден воздух – расте и бројот на заболени од канцер

Screenshot 2026 04 09 213449.png

Поранешниот премиер Димитар Ковачевски упати сериозни критики за состојбата со загадувањето и управувањето со отпад во земјата, оценувајќи дека институциите и политичките чинители мора да покажат поголема одговорност и посветеност.

„Одредена работа ќе биде завршена толку колку што ќе вложите труд во неа. Ако не вложувате труд, ако не сте посветени, нема да биде завршена. Така е со се во животот“, истакна Ковачевски, додавајќи дека и опозицијата има обврска да работи во интерес на граѓаните, а не да посакува застој за политички поени.


Тој нагласи дека иако владите се менуваат, државата останува и не смее да се дозволи нејзино запоставување.
„Ниту една влада не била вечна. Меѓутоа, државата се гуши во ѓубре“, потенцираше тој.

Во однос на загадувањето на воздухот во Скопје, Ковачевски посочи дека станува збор за долгогодишен проблем кој директно влијае врз здравјето на граѓаните.
„Секоја година сме на врвот по загаденост. Граѓаните заслужуваат чист воздух, а ние сè уште дебатираме дали некој загадува“, рече тој.

Според него, нема потреба од дополнителни анализи кога реалноста е видлива на терен.
„Само прашајте ги луѓето што живеат кај Цементара и таму каде што се гори отпад каков воздух дишат“, додаде Ковачевски, отворајќи го прашањето за индустриските капацитети во урбани средини.

Тој ја спомена и потребата од дислокација на одредени индустриски објекти од главниот град, потенцирајќи дека вакви решенија се неопходни за намалување на загадувањето.

Ковачевски предупреди дека последиците од загадувањето се веќе алармантни.
„Имаме околу 2.800 смртни случаи годишно како резултат на загаден воздух. Имаме и зголемена стапка на канцер, што е директно поврзано со нездравата животна средина“, истакна тој, додавајќи дека граѓаните во Македонија не се „поинакви“, туку живеат во полоши еколошки услови.

Освен воздухот, како проблематични ги посочи и реките и депониите.
„Погледнете го Вардар, погледнете ги другите реки, погледнете ги ѓубриштата. Дали сте биле во Дрисла да видите што се случува таму?“, праша тој.

Ковачевски ја критикуваше и локалната власт за недостиг на системски решенија, особено во делот на управување со отпад.
Според него, градот треба да започне процес за интегрирано управување со отпад, наместо да одложува решенија.

Како пример, тој го посочи искуството на Белград, каде преку соработка со странски инвеститори се развиваат системи за селекција, преработка на отпад и производство на енергија.

„Тоа се веќе познати решенија. Не треба да измислуваме ништо ново, туку да ги примениме“, заклучи Ковачевски, повикувајќи на итни и конкретни чекори за справување со еколошката криза.

Можете да прочитате

Kривична против Агенција за обезбедување и нејзиниот сопственик, не ангажирале доволно лиценцирани лица

Во Нов Дојран пронајдена неексплодирана граната од Првата светска војна

Приведени 10 возачи, четворица без дозвола, еден во спротивна насока, еден со активна забрана