
Денес, 9 април 2026, Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за коруптивните шеми во јавните набавки во здравството воочени преку жалбите.
Истражувањето покажа дека:
⦁ Во 71 % од жалбите на фирмите се оспорува одлуката за избор на најповолна понуда, што укажува дека главниот извор на нерегуларности во здраствените тендери е евалуацијата на понудите како фаза со највисок ризик од фаворизирање на одредени понудувачи.
⦁ Анализата на жалбите укажува дека здравствените институции неретко ги евалуираат примените понуди непрецизно и со невоедначени критериуми, избирајќи понуди кои не ги исполнуваат барањата од тендерската документација.
⦁ Еден од најчестите проблеми се нејаснотиите во врска со потребната документација за пуштање во промет и увоз на лекови, што создава административни пречки во тендерската постапка и го зголемува ризикот од субјективно постапување.
⦁ Исто така, во тендерите се поставуваат несоодветни и селективно дефинирани технички критериуми или истите се менуваат во текот на постапката, со што се создаваат услови за фаворизирање на одредени фирми и се генерира корупција.
⦁ Државната комисија за жалби по јавни набавки усвоила 42 % од жалбите поднесени од фирмите до здравствените институции, што значи дека во речиси секој втор предмет Комисијата утврдила неправилности при постапките за јавни набавки во здравството.
⦁ Одредени здравствени институции не постапуваат по решенијата на Државната комисија за жалби, со што се нарушуваат принципите на законитост и правна сигурност и се создава сомнеж за прикриено фаворизирање.
⦁ Процентот на обжалени тендери во здравството изнесува 1,95, што е помалку и од онака нискиот процент на жалби на сите набавки во земјата од 3 %. Ова укажува дека правната заштита не се користи како ефикасен инструмент за борба против корупцијата во набавките.
⦁ Релативно малиот број жалби создава состојба во која здравствените институции не се под доволен надворешен притисок да ги почитуваат законските норми, што го зголемува ризикот од пристрасно доделување договори и злоупотреба на јавните средства.
До целото истражување може да се пристапи преку следниот линк.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во здравството“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска поддршка на National Endowment for Democarcy (NED).

