
Александар Наунов, татко на Надица која трагично го загуби животот, денеска се обрати пред Институтот за судска медицина, по претходните барања упатени од родителите за време на протестите во Кочани.
Тој потсети дека на претходните два маршa барале одговор од институцијата дали се извршени сите токсиколошки анализи за починатите деца, но, како што рече, тогаш не добиле конкретен одговор.
„На претходните два марша баравме од Судска медицина да дознаеме дали се направени сите токсиколошки анализи, но не добивме одговор. Затоа дојдовме денеска, бидејќи им дадовме рок од три дена“, изјави Наунов.
Според него, од Судска медицина добиле потврда дека анализите се завршени и дека резултатите веќе се доставени до Обвинителството.
„Ни беше кажано дека се направени сите токсиколошки анализи и дека сега ќе чекаме судот да се изјасни. Не добивме конкретни детали за резултатите, бидејќи тие ќе се изнесуваат во судска постапка“, појасни тој.
Наунов истакна дека семејствата имаат доверба во институцијата и ќе го почитуваат процесот на судско вештачење.
„Ќе го чекаме рочиштето со нетрпение за да ја слушнеме вистината за нашите деца. Се ќе се одвива преку Судска медицина“, рече тој.
Тој подвлече дека нивната борба останува насочена кон откривање на вистината и обезбедување правична постапка за сите семејства на жртвите. Родителите, како што нагласи, ќе продолжат да бараат транспарентност и одговорност од надлежните институции.

