
Рочиштето во Апелациониот суд во Скопје, на кое требаше да се разгледуваат жалбите во предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, денеска не се одржа и е презакажано за 11 мај.
Од Судот информираат дека одложувањето е поради здравствени причини, односно поради тоа што обвинетиот Боре Видевски во моментот се наоѓа на болничко лекување.
На седницата требаше да се разгледаат жалбите на осудените Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, кои со првостепената пресуда добија доживотен затвор за убиствата, како и казни затвор за грабнувањата. Преку жалбите, тие бараат укинување на пресудата и враќање на предметот на повторно судење во Кривичниот суд.
Жалба поднело и Обвинителството, но во делот што се однесува на ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски.
Според првостепената одлука, судот утврдил дека делата биле извршени со претходен план и со намера за изнуда на пари. Обвинетите добиле по 10 години затвор за грабнувањата, додека за убиствата им е изречена доживотна казна затвор.
Новото рочиште пред Апелациониот суд е закажано за 11 мај.


