
Со изведување на видеоснимка како клучен доказ, денеска во судница продолжи судскиот процес против Стојанче Јовановски, кој е обвинет дека ја навел на самоубиство сопругата Ивана, која трагично го загуби животот заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.
Станува збор за снимка од системот „Сејф Сити“, на која, според Обвинителството, е регистриран настан што се случил на 2 март 2026 година околу 11 часот – само неколку часа пред трагедијата во скопската населба Тафталиџе.
На видеото јасно се гледа физички напад врз Ивана. Според презентираните кадри, обвинетиот во повеќе наврати ѝ удира шлаканици, додека таа се обидува да се повлече и да ја избегне конфронтацијата.
Настанот се одвива во близина на гимназијата „Нова“, каде претходно Ивана се сретнала со сведокот Мартин Саздов. По неговото заминување со возило, на местото пеш пристигнува Јовановски, по што започнува вербална расправија.
Во 11:07 часот, Ивана влегува во кадарот и се среќава со обвинетиот на тротоарот. Според снимката, тој реагира вознемирено, гестикулира и ја удира со рака по лицето. Таа се повлекува, а во еден момент седнува на ограда, видно вознемирена и држејќи се за лицето.
Неколку минути подоцна, расправијата продолжува. Во 11:12 часот, според видеото, Јовановски повторно ја удира Ивана. Во тој момент, на местото се враќа сведокот Саздов, кој се обидува да ја смири ситуацијата, застанувајќи меѓу нив и оттурнувајќи го обвинетиот.
И покрај обидот за интервенција, од снимката се гледа дека Јовановски продолжува со агресивно однесување и повторно физички ја напаѓа сопругата.
Обвинителството смета дека видеото е значаен доказ кој ја потврдува континуираната физичка и психичка злоупотреба врз жртвата, непосредно пред трагичниот исход.
Судењето продолжува со изведување на дополнителни докази и сведочења.


