Утрински Весник
Македонија

Кузмановска: Пациентите прифаќаат бубрег и црн дроб но одбиваат трансплантација на срце

Img 1640.jpeg

Пациентите во Македонија покажуваат висока подготвеност за трансплантација на органи, но кај најсложените интервенции, како трансплантацијата на срце, сепак има одредени одбивања. Ова го истакна Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Како што појасни таа, кај трансплантациите на бубрег и црн дроб речиси и да нема одбивања од страна на пациентите, кои овие интервенции ги прифаќаат со надеж и доверба.


„Кога ќе ги повикаме пациентите и ќе им кажеме дека има орган, никогаш не ни одбиле бубрег или црн дроб“, рече Кузмановска, посочувајќи дека неодамна е извршена и успешна трансплантација на црн дроб, со добро закрепнување на пациентите.

Сепак, ситуацијата е поинаква кога станува збор за трансплантација на срце – интервенција која носи значително поголем ризик и комплексност. Во овие случаи, како што вели, се регистрирани и одбивања од страна на пациентите.

„Срцето е орган за кој критериумите се најстроги – и за донорот и за примателот. Одлуката да се прифати таква операција е исклучително тешка“, нагласи Кузмановска.

Таа посочи дека ваквите ситуации се емоционално тешки и за медицинските тимови, особено ако се земе предвид дека донорско срце се обезбедува многу ретко.

И покрај тоа, кај најголемиот дел од пациентите постои силна мотивација и желба за живот, што се гледа преку нивната подготвеност да прифатат трансплантација.

„Пациентите се мотивирани и подготвени – имаат волја за живот и желба да се трансплантираат“, потенцира Кузмановска, додавајќи дека токму оваа подготвеност е клучна за понатамошен развој на трансплантациската програма во земјата.

Можете да прочитате

Марјановиќ: Довербата во онкологијата е урната – пациентите бараат дополнителни проверки и анализи

Велев: Пациенти со дијабетес со месеци без терапија и сензори!

Марјановиќ: Онкологијата во хаос – нема регистар, нема систем, пациентите оставени сами на себе