Утрински Весник
Македонија

Левица: Нашите војници да не бидат топовско место во туѓи војни – власта утре да го поддржи предлогот на Левица 

Photo 2026 04 07 15 30 43.jpg

Левица поднесе Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за одбрана, кој утре е на дневен ред на собраниска седница. Со предложените измени се воведува јасна рамка за учеството на Армијата надвор од територијата на државата да биде дозволено исклучиво во мисии одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации. Со ова се елиминира можноста македонскиот војник да биде испраќан во геополитички лавиринти без јасен меѓународно-правен легитимитет, како монета за поткусурување во туѓи пресметки.

Утре ќе се одлучува дали Македонија ќе има свој глас или ќе биде ехо на туѓи команди. Македонија не смее да биде логистичка база, ниту извор на човечки ресурси за војни што не се нејзини. Не смее да се прифати наративот дека ʼсојузништвотоʼ значи безусловна послушност, а ʼбезбедностаʼ учество во туѓи агресии.


Во време кога Блискиот Исток врие од тензии и брутални воени интервенции, ова е линија на разграничување меѓу суверена држава и држава-придружна сенка на туѓи интереси. Со ова порачуваме дека Македонија не смее да биде топовско месо во туѓи војни, ниту да дозволи нејзините граѓани да плаќаат со сопствени животи за одлуки донесени далеку од нив.

Особено загрижува што Владата на ДПМНЕ и Министерството за надворешни работи, предводено од Тимчо Муцунски, се движат без компас. Наместо надворешна политика заснована на интересите на државата и граѓаните, гледаме сервилност и политика што уште повеќе ја турка државата во вазалство, подготвени да кимаме со глава и кога се кршат основните принципи на меѓународното право. Отворената поддршка на власта на Мицкоски за воената агресија врз Иран – кога голем дел европски држави ја осудија – со што власта влијаеше врз создавањето на економската криза.

Со предложените измени, Собранието ја враќа контролата таму каде што ѝ припаѓа – во институцијата што го носи суверенитетот. Се поставува правна бариера против авантуризмот на извршната власт и се утврдува принцип животите на нашите војници да не се средство за дипломатско додворување. Ова е закон што штити територија, живот, достоинство и право сами да одлучуваме каде стоиме.

Мораме да разграничиме дали ќе бидеме држава со достоинство или држава што се продава за аплауз од туѓи центри на моќ. Војникот не смее да биде бројка во туѓа статистика, ниту фигура на геополитичка шаховска табла што се жртвува за туѓи апетити. Ова е одлука дали Македонија ќе биде субјект или објект, дали ќе има глас или ќе биде ехо.

Можете да прочитате

Плаќајте паркинг навреме: Штип воведува „паметна“ контрола со мобилни патроли

САД и Македонија го отворија Стратешкиот дијалог: Потврдена силната соработка во рамки на НАТО

„Сејф Сити“ до крајот на годината и во Струмица!