
Со силна динамика и јасна визија за модерен и функционален урбан простор, започна целосната реконструкција на една од најзначајните улици во Мичурин – „Симеон Кавракиров“ во населбата Мичурин во Општина Аеродром.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, извршија увид во стартот на градежните активности, со што официјално започна реализацијата на проект кој долго време беше неопходен и очекуван.
Оваа интервенција претставува значајна инвестиција во безбедноста, мобилноста и квалитетот на животот на граѓаните. Улицата со должина од 485 метри претставува важна сообраќајна врска низ која секојдневно се движат голем број жители.
Проектот за „Симеон Кавракиров“ опфаќа целосна обнова на коловозната конструкција, изградба на современи и безбедни тротоари, како и поставување нова асфалтна конструкција. Во рамките на зафатот се предвидени 3950 м² асфалт и 2305 м² тротоарски површини со бехатон.
Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 22 милиони и 630 илјади денари.
Со реализацијата на овој проект, „Симеон Кавракиров“ добива современ изглед и значително подобрени услови за одвивање на сообраќајот, што директно придонесува за поголема безбедност и ефикасност.
Реконструкцијата е дел од поширок инфраструктурен зафат на Општина Аеродром кој опфаќа 18 улици, во вкупна должина од 5.4 километри и вкупна вредност од 138 милиони денари, средства обезбедени од македонската Влада преку Министерството за транспорт и врски.
Општина Аеродром продолжува со интензивна реализација на инфраструктурни проекти, со цел унапредување на урбаната инфраструктура и подобрување на условите за живеење на граѓаните.


